Ги правиме децата „паразити“, па потоа се лутиме зошто не може да направат ништо без помошта на родителите
Мојата другарка се ближи кон 30-тата година од животот. Живее сама, заработува доволно за да се издржува себеси, па дури и да им помага на родителите. Колку што таа е независна, толку се зависни нејзините родители. Од неа.
фото: freepik.com
Дневно добива по најмалку 10 повици за најбезначајните работи – какво е времето, студи ли, ти се облече ли, што јадеше, е зошто тоа?
Тие имаат проблем да сфатат дека таа нема повеќе 8, туку 28 години. Кога се обидува да им предочи дека навистина не може во секој момент да им одговори на секој повик и прашање и дека оваа грижа за секоја ситница е претерана, тие секогаш се навредени и плачливо се жалат како таа е лоша и неблагодарна.
Ова се тип на родители што целиот живот решиле да им го посветат на децата, иако никој не го побарал тоа од нив.
Пред да ме нападнете и да контрирате со аргументот – „е што требало, да ги остават ли на улица?“ ќе кажам дека воспитувањето и грижата на родителите си има одредена граница.
Не може ти да го живееш својот живот преку своето дете. Особено не кога тоа веќе е возрасно.
Сега, кога децата не се повеќе дома и помошта на родителите не им е веќе потребна до тие размери како кога биле помали, тие не знаат што со себеси. Не знаат ни како да разговараат помеѓу себе. Како да бидат во истата соба, без децата.
Немаат никакво хоби, никаква занимација, никаква активност, освен ако не се децата. А децата си имаат свој живот. И извинете ако не може да ви одговорат на сите 10 повици во текот на денот. Тоа не значи дека не ве сакаат и не се благодарни за вашата љубов и внимание.
Но, може да значи дека во некои случаи, дека вашата грижа полека преминала во еден вид на опсесија. Секако, ова не значи дека ги ставам во „ист кош“ сите родители кои си ги сакаат и се грижат за децата, секако дека тоа е нормално и очекувано и децата се благодарни за тоа, но станува збор за исклучоци кои претеруваат со грижата.
Вистинска среќа е што другарка ми се изгради во самостојна, независна личност. Затоа што најголемиот дел од децата растени со ваква загушувачка и по малку токсична љубов добиваат сè сервирано, сè „на тацна“, преџвакано … а како би било поинаку?
Зошто детето што е мазено, пазено и кому му е дадено сè што ќе посака би добило порив да направи нешто самостојно? Да се помачи за нешто? Да постигне нешто?
Кога на крајот не може да мрдне самото и не може да постигне ништо, родителите го задаваат последниот, најгорчливиот удар: Ете, без нас не можеш ниту со прст да помрднеш! Е сине сине, за ова ли те изгледавме, да бидеш неспособен?
А кој го направи таков?
Никаде на светот не постои таква токсична родителска љубов како на Балканот. Имаме неодолива желба да ги врземе децата за себеси.
Од тоа да им приговараме за факултетот што сакаат да го студираат, мебелот што сакаат да го купат за дома, до критики, сугестии и поплаки за снаата или зетот.
Зашто ние знаеме најдобро како родители. Ги опсипуваме со грижа, внимание и бескрајни повици во текот на денот, сè ова под превезот на бесконечната родителска љубов, не сфаќајќи ја штетата која им ја нанесуваме.
Ние сме топли, грижливи и добродушни родители. Тие таму во странство што го слушаат децата еднаш неделно и се воздржани и одмерени во односот се ладни, негрижливи и лоши.
И не, не мора да се слушате и вие со децата еднаш неделно. Нека биде и еднаш дневно. Но, направете го тоа помалку опсесивно. Не значи дека луѓето во другите земји не си ги сакаат децата или родителите ако не се слушаат за секоја ситница како горенаведените.
Само разликата е во тоа што нивните деца се самостојни и не им се обесени на грбот на родителите до 50-тата година од животот.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело