Мајка ми ослабе 20kg со макотрпна диета, сосетките ме прашуваа дали е алкохоличарка

Пред многу години, мајка ми реши да се стави на строга диета. Се сеќавам дека јадеше зелени јаболка како да ќе нема утре. Веројатно затоа денес не може ниту да помириса јаболко.

majka-mi-oslabe-20kg-so-makotrpna-dieta-sosetkite-me-prashuvaa-dali-e-alkoholicharka-01.jpgфото: depositphotos.com

Морате да сфатите дека тоа беа ’90-тите, време кога немаше хроно, ниту кето, ниту пилатес, ниту крос-фит... тогаш имаше, зелени јаболка, марули и долго пешачење.

После цели 9 месеци мајка ми успеа да симне 20 kg. Морам да напоменам дека првите неколку месеци немаше некоја особена, видлива промена. Најголемата промена се случи во последните 2 месеци. Но, мајка ми беше упорна и издржлива. И трудот ѝ се исплати. На крајот изгледаше како девојче.

Но, тоа не му се допадна никому. Се сеќавам, имав 10 години кога една од сосетките ме застана за да ме праша дали мајка ми е болна. Да не ѝ е нешто, кутрата? Коска и кожа се направила.

Другата ме праша дали мајка ми е алкохоличарка. Третата пак, нè виде двете како се шетаме, нè застана и рече: Леле, колку си слаба! Сега сте речиси идентични, како две сестрички. Послаба си од ќерка ти!

Јас, буцкасто 10-годишно дете со и онака разнишана самодоверба, сакав да ме снема. Не ми беше сосема јасно зошто сите ѝ се толку накострешени на мајка ми. Не сфаќав што им згреши жената. Како со нејзиното слабеење успеа да ги повреди нив?

А денес сфаќам. Сфаќам дека секој ваш успех ќе биде дочекан „на нож“ од околината. Било да е успешно слабеење, унапредување, каква било надградба на професионален или личен план.

Луѓето ќе ви замерат ако си купите стан, ако почнете да градите куќа или викендичка, ако уплатите нов автомобил. Тие ќе бидат саркастични и зајадливи и за најбезначајните нешта – вашата нова фризура или прстенот што сте го добиле на подарок.

Дури и на најобичното цветче што ви го подарил некој, ќе му најдат маана. Ќе анализираат, ќе озборуваат, ќе „дофилуваат“ нешто по потреба.

Затоа што е несвојствено да се радуваш за некој друг. Да го прославуваш неговиот успех. Полесно е да се лае. Да се наоѓаат маани. Да надвладее грдото, наместо убавото. Да шириш омраза наместо љубов. Тешко е да ти потече бисер од устата кога ти е полна црви. Секоја чест за исклучоците, секако дека не припаѓаат сите во оваа група.

А луѓето не се менуваат. Тие можеби се камуфлираат. Тие се адаптираат за да опстојат во секакви невремиња. Но, длабоко во себе, си остануваат исти.

Особено оние со срце зрно и душа стисната и згмечена. Тие немаат капацитет да станат добри. Да се ослободат од завидливоста, од омразата. Тие вечно ќе лунѕаат, отруени од злоба, заслепени од љубомора, прашувајќи се зошто никогаш ништо убаво не им се случува ним.

А најдобриот доказ е епилогот со фамозната диета. 20 години подоцна, сосема случајно ја сретнавме истата сосетка во градот во којшто живеевме порано.

Видно остарена, првиот коментар кога ја виде мајка ми беше – „Леле, ама си остарела!“ Намерно, да не ја превариме случајно со истите зборови, бидејќи староста веќе ги издлабила брчките на нејзиното лице и тоа беше толку очигледно и видливо.

Сакав да ѝ речам – не си госпоѓо во цутот на младоста, погледни се во огледалото, па после зборувај за другите, ама си премолчев. Кое фајде од тоа?

Со мајка ми само се насмеавме и малку пред да ја одминеме, комшивката изговори: Се сеќаваш еднаш одамна колку ослабе? Ама признај, нели пиеше тогаш…

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg