Сестро, ти благодарам што ме правиш подобар човек!
Секогаш знае да ги каже вистинските зборови.
Секогаш ме тера да бидам потолерантна кон другите. Ме учи да го гледам доброто во луѓето и да верувам дека намерите им се искрени.
Ме теши кога мислам дека светот ми се срушил и се радува најчисто и најискрено за мене кога работите ми одат од рака.
Го прифаќа моето лудило и ми стои како ангел на рамото.
Милион пати досега сум направила добри дела само затоа што таа ги засадила тие идеи во мојот мозок.
Милион пати ме одвратила од некоја импулсивна одмаздољубива постапка.
Секогаш одмерена во постапките, промислена во зборовите и стабилна во емоциите, таа е дозата на зрелост која на моменти ми недостига.
Секогаш загрижена за другите, таа е будилникот на емпатијата во мене.
Секогаш посветена на семејството, таа ми е потсетникот на вистинските морални вредности.
Секогаш доследна на себе, таа ми е доказ дека и кога луѓето околу вас се лоши, вие треба да останете добри.
Ретки се луѓето кои ја имаат моќта да ве направат подобар човек, а кога имате некој таков во близина, тогаш тоа е бесценето.
Сестро, ти благодарам што ме правиш подобар човек!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело