Живеам на Партизанска - дома првпат во животот слушаме птици, а не мотори
Живеам на Партизанска. За првпат во животот дома слушаме песна на птици наместо мотори. Мојата 2-годишна ќерка го забележа ова уште првиот ден кога отворивме прозор откако почна состојбата со корона вирусот: „Мамо, пеат, пеат птиците на дрвото“.
Улиците и тротоарите низ Скопје никогаш не биле почисти. Се чувствувам како да живееме во некој град во Скандинавија – Осло на пример. Нема дури ни отпушоци. Тротоарите се расчистени од паркирани коли. Да, ова би требало да биде вака секогаш, не само кога сме принудени да седиме дома.
Постои една чудна пријатна тишина во воздухот која се преплетува со мирисот на веќе расцветаните дрвја.
Вработените во маркетите никогаш не биле пољубезни. Јака им душа.
Деновиве спиеме помирно и поспокојно од секогаш. Не ечи музика од околните кафулиња.
Не нè буди мирисот на запршка во 5 часот за бурек со месо од локалната пекара.
Фала Богу на комшијата од први му се потроши киселата зелка што стои во подрум па и влезот сега ни мириса поубаво. Денес жената што чисти дури и користеше средство за дезинфекција. Фини промени.
Чудно е чувството, но на моменти изгледа како секогаш да треба да биде вака.
И покрај тоа што состојбата е критична, доколку сте дома со семејството, ќе бидете спокојни.
Деновиве научивме да го цениме повеќе времето поминато заедно.
Да уживаме во малите нешта со нашите најблиски.
Да ја цениме природата.
Да покажеме повеќе почит кон животните.
Се дише луѓе, се дише во градов!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





