Некои луѓе се просто богати, а некои имаат само пари
Не секој богат човек е несреќен и не секој богат човек е среќен. И за сиромашните важи истото. Но некои луѓе едноставно знаат да уживаат во животот без оглед на парите коишто го имаат. Многумина ќе кажат – уживањето се купува со пари. Но не секогаш е така.
Со парите можеш да купиш многу работи, не но и вистинското уживање од срце. Не можеш да ги купиш вистинските пријатели. Не можеш да купиш вистинска среќа. Не можеш да си го купиш мирот.
Македонија стана едно сурово место за живот. Тажно и сиромашно место. Но некои луѓе едноставно не дозволуваат да имаат сиромаштија на духот. Мене ваквите луѓе ме восхитуваат. Луѓето кои знаат да уживаат во животот. Што се радуваат на ситници. Луѓето што му се веселат на секој нов ден, што им пристапуваат на работите со позитивна мисла и добра енергија. Оние коишто решиле секогаш да ја гледаат чашата како да е полу понаполнета.
На ваквите, со среќна ѕвезда на челото, им завидуваат и оние со многу повеќе пари. Едноставно е – некои луѓе се богати, а некои имаат само пари на сметката. Не сето богатство се крие во банкнотите. Богатство е да си жив, да бидеш здрав. Да се здрави твоите сакани. Богатство е да имаш покрив над главата, топол дом.
Да имаш пријатели со кои ќе ги споделуваш сите среќни, но и тажни моменти од животот. Некого на кого ќе можеш да се потпреш. Луѓе од доверба на кои ќе им заѕвониш во 2 по полноќ и те ќе дотрчаат да ти помогнат. Не затоа што очекуваат пари од тебе или некакви услуги. Туку затоа што те сакаат, те почитуваат. Тоа е богатство. Тоа е толку ретко денес.
Ако се препознавте, вие сте богати луѓе. Не е важно дали сте облечени по последна мода. Не е важно колку пари чинат чевлите коишто ги носите денес. Не е важно дали имате фризура од 200 или 2000 денари.
Важно е да сакате. Да бидете сакани. Да имате семејство, вистински пријатели кои ви го мислат само најдоброто. Важно е некој да помислува на вас, кога сте најосамени, кога ви е најтешко. А најважно можеби е на колкумина ќе им недостигате откако ќе ве нема.
Тие работи немаат цена. Не ги купуваат никакви пари на светот. Да, толку многу работи може да се купат со пари. Но најсреќните луѓе се богати и без нив.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело