„Живееме во свет каде што погребите се поважни од покојникот, а свадбите се побитни од љубовта“
„Живееме во свет каде што погребите се поважни од покојникот, каде што свадбите се поважни од љубовта, а изгледот е побитен од паметот. Ние живееме во општество каде што се цени амбалажата, а се презира содржината“.
Уругвајскиот новинар и писател Едуардо Галеано одлично го опишал денешниот свет. Свет во испревртени вредности, свет кој однадвор се обидува да блеска и по којзнае потврдува дека сè што сјае, не е злато.
Зависни сме од купување. Нè храни материјализмот, таа желба да се има, да се купува, да се трупа. Понов модел, побрзо, поскапо.
Троши, троши и повеќе отколку што имаш. Создавај поубава слика, за себеси, за најблиските, за работата и животот, дури и доколку сè е една голема лага.
Сите ли држави се како нашава? Остана ли точка на планетава која не е затруена со консумеризам, плиткост, површност?
Погребите се поважни од покојникот. Во очаен обид да оставиме добра слика пред останатите, ќе си ги запреме и солзите, ќе си ги задушиме и емоциите. Побитно е каков ручек ќе се послужи, какво цвеќе ќе се постави.
Достоинственото збогување со покојниот стана мисловна именка и нешто толку тажно како погребот се претвори во арена за натпревар и покажување.
Да не зборуваме за свадбите. Сè е поважно од разбирање, довербата и компромисот. Нив ги заменија скапите фризури, шминката, китенките, свадбената торта, предјадењето и машничките на поканите. Небаре тие се неопходни за добар и успешен брак.
Свадбата како настан е поважна од љубовта. Љубов може и да нема – свадба мора да има!
Сите за заинтересирани само за амбалажата, за надворешноста. Не е битна практичноста, функционалноста, квалитетот. Битна е формата, бојата, големината, дали имало светки или седефест сјај.
Кај се шишаш? Кој те фарба? Каде ги купи чевливе? А ташната? Леле, капутов ти е лудило! Го виде часовникот на колегата, вреди колку 5 твои плати!
Истите муабети, секогаш и секаде. Напорно ми е. Здодевно ми е. Прашај ме како сум. Дали сум среќна, што ме мачи. И јас ќе го направам истото.
Да зборуваме за музика, за книги, за филмови, за настани. За содржината, а не за формата. За светот и живејачката, не за луѓе и тривијални озборувања.
Не ми се „луфтира“ мозокот со петпарачки муабети. Ми се заматува, ми се отапува. Каде се предизвиците, каде се луѓето кои се возбудуваат и борат за нештата кои вредат?
Остана ли нешто повеќе од телефоните во рака и погледот фиксиран на стаклото? Остана ли зрно емпатија за друго човечко суштество, освен грижата за самиот себе?
Мир си немаме, мир во душата, љубов снемавме. Она на коешто се радуваме во денешниот свет, ме прави бескрајно тажна.
Восхитувањето за квази-старлетите, инфлуенсерките, блогерките што промовираат само едно – надворешна убавина ми е бизарно. Ме поразува како личност и како Диоген со светилка во раката, сред бел ден го барам човекот кој не е опседнат со надворешното, со површното, со впечатокот кој го остава пред другите.
Кога, кога ќе излеземе од матрицата каде што секогаш ѝ даваме предност на надворешната убавина? Џабе ти е без памет. Џабе ти е ако си прост и злобен. Автоматски стануваш најгрдиот, најнепривлечниот човек.
Сакам да верувам дека светот во кој живееме денес ќе успееме да го трансформираме во поубав, посреќен, свет каде што нема да се двоиме според физичкиот изглед и недостатоците, облеката и класната состојба, родот и националноста.
Дека ќе ја имаме истата почит како за директорот, така и за продавачот и чистачот. И конечно, ќе се погледнеме меѓу себе, како одамна заборавени стари пријатели, ќе си ги исклучиме телефоните и ќе започнеме да се однесуваме како луѓе, а не како роботи.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело