Типичен Балканец - ги знае сите сложени комбинации за спортска, но не може да ги совлада трите копчиња на машината за перење
„Знаеш што си бара жената одвреме-навреме? Ќотек си бара. Превоспитување, во случај да ѝ текне да мрда со газот. Мојата нема да смее да писне! Се знае за каде е жената, за дома и за во кујна! Многу нешто ми глумите вие денес, феминистки, кариеристки, самостојни. Не треба да имате право на глас, ниту збор. Јас одлучувам за мојата жена!“
- А ти имаш жена? – го прашувам соговорникот, после ова исцрпно излагање на темата.
„Не бе, јас немам ниту девојка. Ама кога ќе имам жена, вака ќе биде. Јас како што ќе кажам“.
Оф, душо оштетена. Како да ти кажам – ниту девојка, ниту жена ќе видиш во животот.
Задоен и израснат со една сосема погрешна слика, тато носи, а мама меси, тато одмара со нозете кренати после работа пред телевизорот со пивото во една рака, додека си го чешка стомакот со другата, а мама мие садови, вклучува машина со алишта, па го пегла купот кој веќе се исушил.
Мама претходно стокмила и ручек и исчистила, стокмила сè по дома, испазарила. Се договорила со комшивките во чиј двор ќе се прави зимницата оваа година. Група жени кои си помагаат, како и секоја. Маж ниту на повидок за малку помош. Не е тоа машка работа.
Кога бев мала, слушнав една толку бизарна реченица што премногу ме изнервира. Имено, една од постарите сосетки објаснуваше како треба да се чува мажот.
„Мажот е светост, нозете да му ги миеш, водата да му ја пиеш!“
„Каква вода да пијам?“ – прашав зачудено. „Таа од нозете смрдливи? Ќе му ја истурам во шијата или супа ќе му направам од неа, да си сркне“.
„Ауууу, што ѓавол дете ќе беше ова твоето внуче“, се ужаснуваа завидливите сосетки. „Тешко со овој ум да си најде маж“.
Се наоѓаат мажи во Македонија, добри, воспитани, фини, вредни мажи кои умеат да ги почитуваат жените и ги сметаат за сосема еднакви. Не шовинисти и сексисти, кои знаат само да лаат со устите и да мудруваат што треба да прави една жена.
А дали се запрашале што треба да прави еден МАЖ? Да спие до пладне, да чека мама пензионерката да му свари кафенце, да се освести маминото синче? Па да му спржи 5 јајца, јунакот на мама, што не знае уште една кајгана да направи, макар животот му зависел од тоа.
Да се протегне до обложувалница, да почмае минимум еден час како да е претплатен таму, во трошна надеж дека ќе ја освои таа голема добивка и ќе му се залепат многу жени, затоа што пустите само по пари се летаат. Не го сакаат затоа што е сиромашен.
Не батенце, не те сака никој, затоа што си паразит! Затоа што мислиш дека најголемо зло е машко да вклучи правосмукалка или да забрише прашина по дома. Да измие садови или да ги проучи сите 5 копчиња на машината за алишта. Инаку, многу е интелигентен, ама ете, машината за алишта му е сè уште неоткриена мистерија, ракетен погон.
Затоа што гордо изјавуваш како на нероден Петко нема никогаш да му смениш пелена, жената е резервирана за тоа. Никогаш не би земал ти породилно отсуство, каква глупост е тоа, маж да ти чува дете.
- А ако жена ти заработува тројно повеќе од тебе, прашувам?
„Не ме смеј девојче, ќе заработувала повеќе од мене. Жена ќе правела повеќе пари од мене, хехе“.
Вие мажи, типични балканци, сте сериозно оштетени, страдни луѓе. Ве има уште на број, иако полека се намалувате, бидејќи не живееме во темниот век кога жените се множеле со нула и никој не ги забележувал во просторијата.
Има да ме забележиш, затоа што имам што да кажам. Жените по кои копнеете се попаметни, повредни, поспособни од вас. А не можете да ги имате. Автоматски сите ви се лесни женски кои се летаат по пари.
„Вие да не сакате некои депилирани мaнекенчиња, а?“
Ооо, необрусен „дијаманту“, никогаш не било во врска со физичкиот изглед. Твоите набилдани мускули не ти носат повеќе поени, кога немаш ништо во главата и воспитан си да ја мразиш и газиш жената од моментот кога ќе прогледаш, затоа што е недостојна за ваков скапоцен примерок од маж каков што се замислуваш.
Продолжете да сонувате како сте посилниот пол, доминантни и непобедливи. Аааа, стана, се наспа? За кафенце да не си? Еве, мама ќе ти свари сега…
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело