Во странство бев дојденец, за Македонците - вреќа пари
Додека чекав да дојде време за конечно да го добијам заслужениот одмор од работа, братучетка ми која својот одмор реши да го искористи да се врати дома и да ја посети Македонија ми ја испрати следната мејл порака:
„Помина скоро деценија откако си ги спакував куферите и решив да најдам нов дом за мојата авантуристичка душа. Никогаш не се срамев од своето потекло и секогаш со гордост кажував од каде доаѓам и покрај тоа што долги години не сум се вратила дома.
Моето недоаѓање најмногу се должеше на работните обврски во фирмата која сама ја основав и често кога имаш работа преку глава, некогаш забораваш дури и да земеш одмор. Оваа година решив за прв пат после долго време, летниот одмор да го поминам во Македонија, во мојот роден град Охрид како награда за успешните денови зад мене.
Морам да признаам малку се колебав и бев скептична околу моето доаѓање, бидејќи бев растревожена од негативната енергија што владееше во Македонија за Македонците од дијаспората после последните случувања. Но сепак имав „Т’га за југ” и многу се радував што после толку време ќе ги видам роднините и моите стари пријатели.
Уште на влезот на градот почувствував како некој да ми го изгреба срцето со остро сечило, беше сум заборавила колку луѓето тука живеат во сиромаштија. Беше сум заборавила како сонуваат заспивајќи со солзи, со надеж дека утре ќе биде подобро за да можат да сврзат крај со крај. Колку само сакав тоа некако да се промени... Си помислив, дај Боже на сите да им се остварат сите солени сонови и еден ден и ова парче земја да биде темел за скромен, среќен живот на секоја единка која се нашла тука.
Кога си дојдов дома ме огреа насмевката на моите родители, седнавме на по една шопска салата со „охридски патлиџани” и рендано сирење, како додаток домашниот „мајкин комат” месен и испечен со толку љубов и нормално по една жолта ракија. Се напивме и по едно јако турско кафе, беше сум го заборавила вкусот, бидејќи овие ваму пиеја кафе што кај нас дома татко ми знаеше да го нарече „како за коса плакнење”.
Откако сите убаво си раскажавме она што не сме стигнале преку социјалните мрежи дома, со моите стари пријатели се упативме на прошетка низ градскиот кеј. Каде и да одев секогаш се враќав на езерото, едноставно се чувствував дека тука се моите корени. Беше прекрасно како што отсекогаш го паметев. Порачавме по еден коктел, за да ја доловиме таа летна шема и се задлабочивме во нашите конструктивни разговори.
Се смеевме во една позитивна атмосфера сè додека не доживеав шок од соседната маса.
„На море у Грчка е сто пати боље!” рекоа двајцата млади кои седеа зад нас и веднаш отворија дискусија која ги навредуваше локалните жители, редејќи низа клетви и зборови кои беа преодвратни за да се слушаат. Наместо да уживаат во убавото сонце, природата, езерото тие генерализираа, се жалеа од сè што тука постоеше и плукаа по местото во коешто дошле.
Тогаш се присетив дека во студентските денови работев како келнерка за време на летните одмори. Никогаш не сум се однесувала лошо со гости, без разлика колку ми бил лош денот и никогаш не добиле лоша услуга како што тврдеа овие зад мене.
Исто така цените не ги извадија од уста, јас само се потсетив на кириите кои ги плаќав во Скопје и скопските газди кои често се изживуваа врз нас студентите (не сите, секоја чест на исклучоци), на кафето за кое сум прескокнувала појадок за да го испијам подоцна со колегите. Не можев да ја сфатам таа математика (и покрај тоа што сум инженер) која кажува дека цените во Охрид се повисоки од оние во Скопје, не можев да ги сфатам зошто толку омраза, јас никогаш не посакав толку лошо на „Скопјаните”.
Но да ги оставиме парите на страна, она што мене во целиот мој живот ми пречело во Македонија беше таа наша желба за поделба. Кој од која фамилија доаѓа, од која населба, дали е од село или град. Кој колку заработува, кој каква кола вози. Секогаш само „своето” беше најдобро, а сè друго не го биваше. Во времињата на светска глобализација, во Македонија како да застанало времето, зошто еден на друг сакаа очи да си извадат. Да не ве држат во заблуда, не е полошо во странство!
Хрватот и Србинот кои ги сретнав во еден градски парк во туѓина со насмевка на лицето ми ја запеаја „Македонско девојче”, Албанци и Црногорци сум ги учела македонски зборови, а тие со радост ќе ме поздравеа со „Добри утро” или „Што правиш”, кој колку научил. Кога ќе кажев дека сум од Охрид, со восхит и сјај во очите раскажуваа за одморите кои ги поминале таму, за убавината на градот и за тоа колку посебно место е сам по себе. Го обожаваа иако не беше ниту град од нивната држава.
Зошто имаше толку омраза помеѓу нас? Зошто другите да не сакаат повеќе од нас самите?
Кога ќе сфатиме дека заедно сме посилни, нели ја чуле онаа „Сложни браќа куќа градат?”
Сфатив дека во моментот кога ги спаковав куферите сум решила да го поништам својот идентитет, затоа што кога ќе одиш некаде на друго место, ја прифаќаш новата култура, но во себе носиш длабока трага од културата сфаќањата и обичаите на твоето место на потекло.
Во државата каде што живеам секогаш ќе бидам странец, дојденец, некој што е на пониско место од просечен жител кој е роден во таа држава, само поради тоа дека не сум се родила таму. Независно од тоа колку сум се потрудила да се интегрирам во општеството и колку придонесувам во истото.
Во Македонија секогаш ќе бидам гледана како вреќа пари која си го наредила животот и која нема мака, независно од трудот, жртвата и се она што сум вложила за да го достигнам нивото на кое се наоѓам.
Јас никогаш не сум заборавила од каде доаѓам, ниту па се срамам од сопственото потекло, сликата од Канео сеуште ми стои во работната канцеларија и секогаш со радост зборувам за убавините на Македонија, кои се моја гордост и причина за многу мои колеги да ја посетат Македонија кои исто така се фасцинирале. Одморот го завршив порано, не можев да ја гледам таа негативна енергија која ме умори, наместо да ме одмори.
До видување Македонијо! До наредниот пат се надевам ќе научиш да ги цениш вистинските вредности, да не живееш за брзо да се збогатиш - за потоа да се перчиш, туку парите да ти бидат помошно средство за живеење и најважно од сè, да се сплотиш, зошто само така ќе успееш да се придвижиш напред.
П.С ти носам мешано сирење, онакво какво што ти сакаш, ќе дојдам во петок да ти го донесам, се гледаме!”
Се радував за македонското, домашно сирење кое беше на пат да се најде на пластичните патлиџани од маркетот, кои немаа вкус како оние од бавчата на баба ми, но целата порака ми го распара расположението. Душата ми се кинеше што беше така, а она што беше најстрашно е дека немаше идеја, ниту начин, барем според мене, тоа брзо да се промени...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело