До ден денес имам трауми од вашето карање - посакувам да се разведевте
Таму имаше сè, освен она што ја правеше куќата дом.
Не сфаќам што е дом и најверојатно нема да сфатам се додека не го оформам мојот сопствен. Се надевам и тоа ќе се случи некогаш. Звучи тажно, за некого можеби и смешно, но јас имав поим само за формата на домот, една куќа... И толку беше. Таму имаше сè, освен она што ја правеше куќата дом.
Додека има домови каде се плаче по деца за да се почувствува топлина, ние бевме полна куќа, а сепак живеевме во снегови. Не можам да објаснам зошто тоа беше така, сигурен сум дека ниту вие не можевте сами себеси да си објасните, бидејќи бевте апсолутно неспремни. Најпрво еден за друг, а потоа за мене и за мојата сестра.
Би можел да ве наречам себични, можеби и безобѕирни, бидејќи за вас родителската улога значеше само обезбедување пари за нештата кои ние сакавме да ги правиме. Јас тоа нема да го оспорам, ви благодарам од дното на душата за сите овозможени работи и сите можности кои успеав да ги зграбам поради вас.
Но нели сфативте дека парите не купуваат поддршка?
Нели разбравте дека полн паричник не ти дава потпора кога чувствуваш страв, кога ти треба љубов, кога ти треба прегратка, кога ти треба совет?
Што добивме ние двајца од вас освен пари?
Ќе речете дека сме неблагодарни. Не воопшто, само сакаме да знаете, сега кога пораснавме како ние двајца се чувствувавме, претходно не смеевме да ви кажеме, затоа што се плашевме дека ќе не избркате на улица. Од вашите закани, најчесто финансиско-егзистенцијални, научивме да се плашиме од секој ситен аспект на животот.
Да, од вас добивме многу други работи, оние кои не требаше, оние кои детската кревка душа не требаше да ги поднесе. Верувам секој друг би попуштил на тој притисок, но и тоа помина.
Викање, постојано карање, тегнење, во некои случаи и несакани удари, на кои ние бевме сведоци, најчесто за пари и некои глупости од вашето минато. До ден денес имам траума и се будам од сон, плашејќи се дека ќе се скрши нешто во соседната соба. Очекувам да ги слушнам вашите гласови како се дерат еден на друг.
Сè уште не можам да си ја смирам душата.
Понекогаш додека заспивав во солзи се прашував во сопствената глава како воопшто се решивте да бидете заедно? Што е она што ве спои, бидејќи очигледно не беше љубовта?
Јас ли бев лепакот кој ве задржа заедно, како една грешка која не сакавте да ја направите, но се случи?
Знаете ли колку пати себеси се обвинив за сè?
Ниту еднаш не седнавме на трпезата без кавга, дури ни за празници. Ниту еднаш не видов знак на искажување взаемна почит. Ако не љубов, барем тоа можевте, почит кон човечко суштество, како кон себеси, така кон вас самите.
Сите спомени ми се уништени од вашите постојани препирки. Колку и да се обидувам да го избришам тоа од душата, не можам. Во главата само си повторувам „Боже те молам да не бидам како нив”. Нели беше тажно да знаеш како не треба, а да сакаш сè да биде како што треба?
Никогаш не не ислушавте, никогаш не ни го чувавте грбот. Од вас знаевме само дека ќе добиеме пари за што и да треба и можевме да ја кршиме главата. Не сакавме да го гледаме тој хорор пред нашите очи кој секојдневно го приредувавте, самоповредувајќи се, но немавме избор. Тоа одеше на репертоарот константно. Ни требаа родители, а ние добивме лихвари кои често знаеа да ни преречат за парите кои ни ги даваат. Сакавме безгрижност, а пораснавме среде трета светска војна.
Сeга кога пораснав, си мислам во главата зошто не се разведовте?
Можеби звучи смешно и ќе помисли некој дека сум изгубил чувство за рационално размислување, но зошто не се разведовте? Тоа е најпаметното нешто што можевте да го направите за доброто на сите.
Но срамот што ќе кажат другите ве спречи да живеете мирен и исполнет живот, можеби и со други партнери. Наместо да градите, вие избравте да рушите. Тоа е приказната од која јас треба да го изградам безгрижниот замок за моите деца. Од рушевини кои се уште стојат во мојата потсвест, јас треба да создадам дом, градејќи спротивно на се она што јас го носам како спомен од мојот дом.
Сега си мислам, можеби да бевте похрабри и да ставевте сè на вага, ќе престанеше таа дисхармонија. Можеби собиранките ќе ни беа повесели макар и на две различни адреси. Можеби сите ќе бевме среќни. Ние ќе бевме среќни, ако видевме насмевка на вашето лице, која рака на срце беше ретка појава.
Со секој изминат ден вашите глупости се сè поголеми, вашите кавги сè понеподносливи и без разлика каде сме на оваа планета тоа не погодува, а вие едноставно не сакате да прифатите дека вие не сте еден за друг. Тоа е нормално, само кај нас можеби е грев да признаеш дека си згрешил и од срам да не живееш онака како што треба.
Боли кога зборувам и солзи ми доаѓаат на очите, но тоа е единствената жива вистина. Се друго е само маска која сите ја носиме пред очите на општеството.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело