Ќе те сакам и со пари и без пари, сè додека сме живи и здрави

Лесно е да се сакаш со некого кога имаш пари. Знам, ќе речете дека има и многумина со пари коишто се несреќни во љубовта, ама нивниот број е значително помал од оние кои се принудени да ја одржуваат љубовта во живот без скршена пара во џебот.

ke-te-sakam-i-so-pari-i-bez-pari-se-dodeka-sme-zivi-i-zdravi-001.jpeg

Што има тешко во сакањето кога имаш доволно пари? Тоа што не можеш да се одлучиш како ќе се дотераш и каде ќе излезеш вечерта со партнерот? Или можеби те мачи фактот каде ќе го поминеш викендот или си смислуваш 1001 план како да го скроиш буџетот за еден скромен годишен одмор?

Можеби те мачат главоболки поради неплатени сметки? Или те тресе податокот што за еден месец ќе започне новата учебна година, а ти дома имаш и основец и средношколец?

Ништо од ова не те мачи. Лесно е да си вљубен, да ти угодуваат и да угодуваш некому кога имаш пари.

Да не се грижиш како ќе купиш подарок за годишнина? Да не ги прегледуваш цените по 3 пати во менито кога ќе решиш да излезеш со сопругата?

Песна е сакањето со пари. Станува хорор филм кога почнува да снемува пари. Тогаш започнуваат и кавгите. Одеднаш го нема разбирањето од порано. Почнувате да си одите на нерви еден на друг. Да се расправате околу сметките, трошоците. Нема пари за излегувања, нема ниту еден мал луксуз, нема подалеку од тие 4 ѕида дома со кои сте опкружени секој ден.

Тоа е вистинскиот тест за љубовта. Парите се тестот. Може ли да преживее таа ако ги немаш доволно? Ќе се жртвуваш ли за доброто на партнерот и децата или ќе бидеш себичен и ќе си го тераш ќеифот?

Често пати слушам коментари – А бе, знаеш, и богатите не се толку среќни како што мислиме.

Навистина? Колку се тие, некои 2%?

Полесно им е на оние што двајцата заработуваат 400 евра? Со нив треба да го истераат месецот и да преживеат, мислам дека не им е дојдено нешто особено многу до романтика.

Мрак е, им се темни пред очите од животните проблеми, а што остана за љубовта?

Во годините кога не можев да најдам работа, а бев помлада, кога сè што сакаш е само да шеташ, да излегуваш, да се дотеруваш и да си купуваш непотребни ситници кои те радуваат, дојде и времето за одмор.

Лето како и ова денес, сите се подготвуваат да отпатуваат некаде, а јас барам ли барам работа, која ја немаше ниту за лек.

Се сеќавам дека дечко ми тогаш ме праша дали планирам некаде да одиме на одмор. Јас одвај и да прошепотив дека навистина многу сакам да одам на одмор со него, но, за жал, оваа година сум принудена да го скокнам, затоа што немам доволно пари, а срам ми е да им барам на моите од дома, сепак имаш 25 години и ронка здрав разум.

Тогаш тој рече дека нема проблем, бидејќи разговарал дома со неговите и тие се согласиле дека може тој да плати за двајцата.

Се сеќавам дека толку ми се стемни пред очите, останав без здив и сè што посакав во моментот е да ме снема, да потонам, да испарам, да исчезнам.

За каде сум јас, невработена и гревна, што не можам да си дозволам ниту еден одмор во годините кога најмногу ти се шета? И за каде е овој човек што упорно се стиснал до мене и ќе се жртвува да не оди на одмор, само затоа што јас немам доволно пари?

Знам, знаев и тогаш, дека тој го кажа планот со најубава намера, но мене сознанието дека, како тој, така и неговите дома ја знаат мојата бедна безизлезна ситуација ми донесе срам и горчина.

Не можев да ги задржам ниту солзите, започнав да плачам и да го убедувам да оди на одмор без мене и воедно да раскинеме, бидејќи нема потреба вака да се мачиме, кога едниот може да си дозволи некои работи, а другиот нема абер.

Среќа што, тогашниот дечко, а денешен сопруг е исклучително инаетливо суштество кое не сакаше да попушти, па останавме по неговиот памет да мизеруваме и да се печеме во градот.

Не секогаш ќе имате пари. Јас ги немав тогаш, среќа ги имам денес, но не знае човек до кога ќе биде така. Утре може повторно да ги немам, па пак да ги имам. Животот е тркало, денес си на врвот, утре на дното.

Некои месеци ти ќе заработуваш повеќе, некои месеци партнерот, некои месеци двајцата, а некои месеци ќе се чудите на двоцифреното салдо во банката.

Трпението попушта, нервите попуштаат, а љубовта во такви услови полека бледнее, па неретко може лесно да ви се слизне низ прстите.

Не дозволувајте ѝ. Лесно е да се сакаш со многу пари. Одржи ја љубовта да те видам, дури и кога џебовите ти се празни. Така барем ќе знаеш дека е вистинска.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg