Доста ѝ „гракаш“ на камерата за на Инста стори, види ја другарка ти се мажи!
Дали ѝ поставуваш ултиматум на невестата дека ќе се фатиш на орото само ако сака со тебе да оди лајв на стори?
Отворам Инстаграм стори и ненадејно почнува да грака, извинете пее. Ете ја излегла пак, си велам, сега 10 сториња како игра и пее кон камерата.
Не, не, овојпат е полошо сега е на свадба кај другарка. Сега ќе лансира 20 сториња. Има да растури од пеење и прикажување колку ѝ е забавно, колку таа е забавна, колку си поминува неверојатно.
И во старт дека си поминува неверојатно е јасно дека е невистинито. Во таков случај немаше да биде посветена цела ноќ на телефонот, туку ќе се забавуваше во комуникација со луѓето околу себе.
Особено што другарка ѝ се мажи. Малку ќе ѝ посветеше внимание на неа и на емоциите кои во реалноста треба да ја преплават, а не на егоцентризмот и себеприкажувањето на социјалните мрежи.
Плус, ова издание и не ѝ е баш најсјајно за јавноста да го види. Малку потпијанета заборавила дека од генетско наследство не го доби талентот за музика и дека уши болат кога пее.
Не ми е јасно како наредниот ден не се слуша како звучела ноќта на сторито и не си забрани себеси да го прави истото во иднина.
Покрај гласовните способности, кадарот на камерата секогаш е свртен така за нејзиното лице да биде од „добриот“ агол, а неретко се снима и надолу за да видиме и какви чевли носи.
И така се редат сториња прво, второ, 15-то и некако започнувате да се прашувате дали девојкава го пушти од рака телефонот на свадбата кај пријателка ѝ. Дали ѝ поставува ултиматум дека ќе се фати на орото само ако оваа сака со неа да одат лајв на стори?
Без неколку бакнежи кон камерата, насмевки предизвикани од ништо и заводлив поглед не смее да се помине. Па, потоа малку снимање на околината со тресење на раката како да се во епицентарот на земјотресот, ама тоа брзо и матно, и повторно враќање со себеси во главниот фокус и песната.
Лошо изгледа, уште полошо звучи. Но, како да ѝ кажам дека Инстаграм стори не е „Вашите 5 минути“?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С.| Црнобело