Девојче, како можеш да спиеш со маж за една ноќ, немаш кошмари потоа?
И не сум јас во чекор со светот и многу ми е мило што Македонија сè уште има традиционални сфаќања за некои работи. Ете, не сум „тренди“ ама тоа е! Си сакам кога ме сакаат да ме сакаат за нешто повеќе од секс.
Во градов како да владее некое колективно лудило. Девојчиња од 16 години се облекуваат како тетки, се палат на шампањи и спијат со мажи двапати постари од нив на прва вечер. Не, не на прва, би рекла на половина вечер, ако така може да се каже кога во возбуда ќе избегаат од диско.
И не само они и оние со 29 години што го прават ова, исто така, не ги сфаќам.
Не знам дали е до мојата глава ама попрво би се ставила во целибат, отколку да спијам со некој господин мангуп, што утре ќе се молам дали ќе се јави, па ќе имам кошмари кои болести можеби ми ги пренел, со која сè спиел, дали заштитата ќе ми го спаси животот, па на кој ќе ме зборува, па каква репутација ќе имам во градот, а најмногу од сè како ментално ќе влијае тоа на мене што некому сум била сексуална сатисфакција за една ноќ.
Не, не, прогласете ме за старомодна ама без сериозна врска нема секс и точка. И тука ми упаѓа една моја другарка со муабетот: „Алоооо, имам 30 години, имам потреби, а немам среќа во љубовта, немам дечко не се сеќавам од кога не сум имала и што сакаш да правам јас?“, ми вели.
Ја гледам и ме замисли да, години се во прашање и природна потреба е.
Па, добро прво преиспитај се каде грешиш затоа што не може сите мажи на овој свет да не чинат за тебе или да не те сакаат. Смени го пристапот, спушти ги малку критериумите, биди реална, постави си приоритет без што кај маж не можеш да живееш, но и без што можеш. Сè да има не може и точка.
А дотогаш ако толку те „пукаат“ кризи барем најди некој „секс пријател за озбилно“. И мене ми звучи смешно, но ако веќе не можеш без секс, пронајди еден маж од доверба со кој чувствувате само сексуална привлечност и ништо повеќе и само со него гледај се.
Подобро отколку да спиеш со кој стигнеш, кај стигнеш, секоја ноќ. Барем знаеш дека е тој еден и за нијанса е подобро отколку некој што ќе го запознаеш на шанк, пијана во 3 часот наутро.
И сите што се во улогата на родители ќе ме утепаат кога ќе го прочитаат ова, но ова не е совет како треба, туку за „криза“ кога жена почнува да ги ситни 40-тите и „нема излез“. Инаку, за сексот на една ноќ толку многу имам против, што штом помислам на тоа во главата ми се палат 20 црвени аларми.
И имам познанички што го практикуваат и ми велат дека нудел возбуда што не се заборава, дека било искуство што ќе се памети цел живот. И потоа завршуваат со „Добро ќе беше ако ми се јавеше...“
Жена си, емотивна си, чувај си го срцето, чувај си го здравјето, ќе преживееш и без секс за една вечер. Психата наутро е поважна од дозата испумпан адреналин вечерта, размисли. Некако не вреди.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело