Тоа што мама и тато ти оставиле пари и фирма, не те прави паметен и успешен, сфаќаш?
Мамичка и татичко ти обезбедија сè и да беше до тебе и твојата интелигенција сега ќе молеше за леб. Така што молк, те молам!
Семејното наследство со низа недвижнини, фирми, автомобили не те прави голем во моите очи. Мама и тато ти оставија сè послужено на златна лажичка и сега ти глумиш успешен. Не си успешен. Само животот ти поделил добри карти.
И не почнуваш ти од иста почетна точка како другите. Така што не можеш да се китиш со туѓо перје колку многу си успеал. Мајка ти и татко ти се успешни луѓе. Ти си само среќник што си се родил таму.
Интелигенцијата не ти е на завидно ниво, креативноста уште помалку. Со идеи си сиромашен, но да се фалиш си прв.
Престани да се срамиш. Не е тоа твоја фирма, твој успех, твоја заработувачка. Тоа е на мамичка и татичко, а ти си нивното неспособно синче кое си срка од медот.
И не ни е криво што си сркаш, криво ни е што мислиш дека си подобар од другите. А вистината е комплетно спротивна. Празен си. И да беше препуштен сам на себе и на своите способности сега ќе молеше за корка леб.
Кога се гледаш во огледало како го почнуваш денот? Лажејќи се дека сам си стигнал до местото на кое си и така со носот во облаци тргнуваш од дома?
Иритирачки делуваш на околината, а едновремено си смешен и за сожалување.
И не сакам никому да баксузирам, но многу синчиња и ќеркички пропаднале брзо, брзо откако семејните бизниси останале во нивни раце. Немој и твоето да биде веќе видена приказна. Земи работи на себе и престани сите да ги гледаш од високо.
Јас знам кои се мајка ти и татко ти, но уште подобро знам кој си ти. Никој и ништо. Само една пијавица, која за нејзина среќа се нашла во околина од која што има доволно за цицање.
И не си им гордост знаеш, така? Едноставно родители ти се, па затоа ти викаат дека си паметен и дека еден ден ќе се снајдеш со купот со обврски кој ќе ти го препуштат во наследство. А свесни се дека нема и тоа ги мачи во ноќите.
Но, мора да имаат позитивна мисла затоа што животот им одреди токму ти да им бидеш наследник. Иако, препотентен, недостоен и неинтелигентен... Само богат, како што милуваш да нагласиш, нели?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело