„Ќерка ми има 29 години и 0 денови работно искуство, јас ја чувам“, ја слушам и срцето ми се кине
Таа е прекрасна жена, злато од човек, и душата ме боли како нејзината ќерка може да ѝ го прави тоа...
Во ресторанчето каде понекогаш јадам омлет за појадок на пауза има една прекрасна жена на прагот од 60-тите, која секогаш најмило ми се обраќа и со насмевката некако ми го разубавува денот. Од тие милите луѓе што за миг ви влегуваат под кожа.
И така се зближивме, почнавме да си споделуваме шеги од секојдневието, но и маки од животот, кога таа ми ја отвори душата:
„Златна моја, работам веќе со години во услужната дејност. Нозете веќе не ме држат, стара сум. Само еден слободен ден имам во две седмици, преку една недела, и искрено едвај чекам пензија.
Имам ќерка дома, здрава, права, како тебе е, има 29 години ама не сака да работи. За жива глава не ѝ се работи. Почна да студира, па се откажа и така со години јас ѝ давам пари за кафе со другарките, двојам од устата за да отиде барем на скромен одмор.
Ама тешко ми е на душата. Плус, не можам и физички веќе. Вика најди ми ти работа. Како јас да ѝ најдам на мои 60 години кога немам веќе ниту контакти како порано, ниту ништо? Ѝ велам сакаш келнерка да бидеш? Таа се мурти.
Потоа гледаше огласи за во контактни центри, па за шалтерски работници, за тука, за во странство и нема, за неа немало ништо. И така има 29 години и 0 денови работно искуство. Никаква работна навика, никаква обврска во текот на денот. Ми вели што и да работела ќе била пак сиромашна како мене“, ја слушам исповедта на мојата нова пријателка и ми се полнат очите со солзи.
Се чудам како нејзината ќерка може да биде толку сурова кон неа, како нема грам грижа на совест за тортурата што ја прави врз мајка си, како нема чувство за одговорност во животот и се прашувам што прави со себе во текот на целиот ден.
Зарем не полудува од здодевност дома? Зарем не се чувствува непродуктивно, па дури и бескорисно? Што ѝ е првата мисла кога станува наутро? Што ѝ е предизвик во животот?
Таа допрва ќе има тешкотија да се осмели да почне некаде со работа. Сè што правиме за првпат е потешко како старееме. Плус, нема никакво работно искуство, а утре што се вели ќе го прослави 30-тиот роденден.
Утре ќе ја нема оваа златна мајка до себе, зарем ќе гладува? Или кога ќе мора да се работи - ќе работи, а додека може ќе користи?
Како може да постојат вакви луѓе не ми е јасно? Искрено, малку и мојава пријателка е за ќотек. Во ред, ајде сметки и храна ама пари за кафиња и одмор многу одамна требала да престане да ѝ дава. Таа грешка скапо ја чини ама тоа е таа безусловна родителска љубов, што на моменти знае да го надвладее разумот.
Ама за ќерка ѝ, е за неа ниту едно оправдување не наоѓам. Апсолутно не ја разбирам!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело