Како може да излегуваш сама со машки, а имаш дечко?
Е ова е прашањето што не го сфаќам, прашањето за кое нема место кога станува збор за врска базирана на доверба: „Како може да излегуваш сама со машки, а имаш дечко?“
А, зошто да не можам? Имам дечко, немам робовладетел кој ми кажува како треба да живеам и што ми е дозволено, а што не. Нели довербата беше основа на љубовта? Нели кули не се градат на нестабилни темели? Нели ако сакам да го изневерам, ќе го изневерам и додека мисли дека спијам?
Изгледа имав среќа да наидам на дечко со грам свест околу ситуацијата, па не ме гуши ниту зошто шорцевите ми се прекратки, ниту зошто сакам да испијам кафе со другари. Некако зрел е во главата, некако си е самоуверен, некако знаел да процени дали со мене како жена може да се гради живот или сум само девојка за авантура на која не може да ѝ се верува.
Изгледа знае дека го сакам. Изгледа свесен е дека животот не е ставање окови некому. Како да знае дека самодовербата е секси, како да знае дека ако ја видат девојка му како седи сама на кафе со три машки не е ниту дамка на неговата репутација, ниту крај на светот.
Неверства има кога нема доволно љубов, кога нешто недостига. Кога има љубов силна како нашата нема други мажи на светот, нема други жени, еден/една си е доволно.
Но, како да им докажеш на „типичните Балканци“ кои се маваат во гради „мојата девојка сама да шета со мажи, па забите ќе ѝ ги скршам“. Каде дечко така? Ајде забрани и ги другарите од детство, колегите од работа, пријателите на брат ѝ, сè што е машко - опасност е, прецртај го од нејзиниот живот.
До каде со ова нерационално однесување? Имам алергија кога ќе слушнам: „Леле, те пушти пак сама да шеташ. Зошто му правиш така?“
Не ми е јасно што му правам? Тоа што излегов со пријател од детство со кого имам повеќе спомени и заеднички искуства отколку со новопечената другарка од работа?
Тоа што несигурните мажи си ги чуваат девојките под клуч е доказ колку немаат доверба во нив, колку самите во себе не веруваат, колку врската им е безвредна, колку нема поента да останат заедно. Токму тие девојки ставени под клуч, најмногу изневеруваат.
Ќе излезат еднаш и се како „куче одврзано од ланец“, потребен им е издувен вентил од сето тоа што нивните посилни половини им го сервираат, од затворот во кој живеат. Плус, толку многу им се говори на темата што дури си велат барем да му дадам мотив да има за што да зборува.
Сериозно, нема потреба да се сфаќа дека пиењето кафе со другари е злодело. Некако 21-ви век сме. Некако смешно е. Некако нема поента. Некако таква врска не ви треба во животот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело