„Ама си добро стегната денес колешке“ - Недолични коментари од колеги кои може „татко да ти бидат“

Една од работите кои можат прилично многу да ти го загорчат денот и животот се оној тип на колеги коишто се особено шеговити во сексуална конотација.

Nedolicni-komentari-od-kolegi-koi-moze-tatko-da-ti-bidat-01.jpg

Сите ги имаме, тие се како наезда од 50-годишни чичиња кои од многу (не)објасниви причини обожаваат да тераат шега со помлади, но и постари колешки и истите тие несолени шеги да ги вртат накај безобразната „мрсна страна“.

Нивните коментари се недолични, простачки и неретко многу вулгарни, бидејќи се завиени со скриен сексизам и шовинизам, а понекогаш не се ни трудат да ги завиткаат во панделка, и отворено и на ачик ќе ти кажат колку добар задник имаш, како добро си се стегнала во тие тесни панталони и „бре, бре, среќен е тој маж ти“.

Не мора да значи дека ваквите непристојни колеги се секогаш од постарите генерации. Има, секако и многу помлади, дрски и безобразни кои секојдневно ја поминуваат црвената линија и вкусот на доброто однесување.

Но, многу почести се овие од постарите генерации. Тие се од оној „стар ков“ кога уште од времињата било очигледно сосема нормално отворено да си ја прашаат младата колешка „дали пилето пеело сабајле и колку убаво испеало“.

Одредени женски личности очигледно им се вклучувале во овие ментални игри и на некој начин го охрабрувале и поттикнувале нивното недолично однесување. Демек, отворени сме и многу искрени, а на искрениот пола му се простува, нели?

„Де, де, божем деца сте вие, што, немате секс дома со маж ти? Што се правите толку чесни?“ Ние, малку нормални што останавме и што не сакаме да се дискутира нашиот сексуален живот на масата додека појадуваме на работа или го пиеме утринското кафе одеднаш сме ненормални, конзервативни, исфрустрирани и немаме поим што е тоа секс, уживање, страст.

Сè додека не се впуштиме во нивните глупави игри, недолични коментари и несолени шеги сме исмејувани и на некој начин маргинализирани, затоа што „плачеме за она нешто кое тие може да ни го дадат кога и да сакаме“.

Не знам во каков свет мислите дека живеете и какво ви е расудувањето. Не ми е јасно какви деца воспитувате и на какви вредности ги учите дома.

Синот, претпоставувам, ќе израсне во ваш клон кој ќе ги задева колешките, ќе им дава забелешки и ќе ги довикува со коментари од типот – „Дојди, да не ти го искинам газот“.

Ќерката, пак, се прашувам, дали ќе биде така воздржана, културна и молчалива кога некој колега на работа ќе ѝ се обрати со ваков простачки коментар, сличен на оние кои ги упатувате вие секојдневно?

Ќе се вцрвени ли од срам, ќе ја сврти ли главата на другата страна, ќе се уплаши ли, ќе се насмее ли, или ќе пламне во без и гнев и ќе ви рече да замолчите и да си ја гледате својата работа?

Знаете ли дека во нормално и цивилизирано општество може да си заработите тужба и казна за ваквиот тип на однесување со предзнак „вербално сексуално малтретирање“ на работното место?

Или овие поими ви се многу далечни и неразбирливи, тоа измислици од Запад се, многу напредни и културни станавте… не, туку вие сте многу некултурни и премногу си дозволувате.

Очекувате да ви молчиме, да трепкаме или да се плашиме и срамиме? Сме направиле нешто лошо или погрешно? Треба да сме вечно осудени на вашите закачки и коментари со сексуален призвук, да ги игнорираме или да се преправаме дека не се случуваат? 

Со цел да не нè сместите во категоријата стари моми, сексуално исфрустрирани, треба да станеме дел од таа шовинистичка и навредлива игра?

Не знам до кога мислите дека може да ја играте картата „јас сум постар, можам татко да ти бидам“.

Да, потсети се на тоа следниот пат кога ќе коментираш и ќе ги оценуваш моите гради со сочни, вулгарни „комплименти“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Омиленото годишно време открива какви сте во љубовта (но и каков ви е карактерот) Многу работи го дефинираат начинот на кој луѓето сакаат и се однесуваат во љубов...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Ученици му се смееја на професорот за погрешниот одговор, а тој им одржа животна лекција Професор им одржа животна лекција на своите ученици: „И да направите милион добр...
Први април: Наместо ден на шегата, се претвори во натпревар кој повеќе пари ќе потроши за правење ма... Кога јас бев дете, едвај чекав да станам овој ден и да почнам со „лаги и шеги“ н...
„Носите болни деца во градинка, затоа се разболуваат и нашите“ – Ми се гади од коментарите на родите... Немаме сите цело село зад нас што може да ни помага и ментално и финансиски и фи...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg