„Зошто си одиш од Македонија, кога тука имаш убав живот?“
Се сеќавам дека ги подавав документите на шалтерот, со последните пари во џебот... Со сонот да се отселам од Македонија! Ме прашуваа: „Зошто си одиш од Македонија, кога тука имаш убав живот, семејство што те сака и еден достоинствен живот?“ Ми велеа: „Ќе згрешиш!”
Ние, луѓето како уште од самото создавање како да сме програмирани да преземаме мерки за „Не дај Боже”. Како тоа да ни е длабоко во потсвеста и како да живееме со тоа бреме секогаш да бидеме спремни, за секоја ситуација, дури и онаа најнезначајната, за кога работите случајно ќе тргнат наопаку.
Секојдневно се бориме со мислите во главата и си го поставуваме прашањето, кое нè мачи доцна во ноќта, кое не нè остава да заспиеме и нè тера да имаме намуртено лице додека чекориме низ денот - „Што ако не успее?”
Се сеќавам дека ги подавав документите на шалтерот, со последните пари во џебот... Со сонот да се отселам од Македонија.
Во главата ја имав мислата која си ја ветив себеси многу години претходно. Иако многумина не можеа да разберат, според мене не ни требаше да разберат, тоа беше мојот сон.
Вложив многу за да се оствари. Колку и да звучеше изопачено, колку и да не им беше јасно зошто бегам од она што го имам тука, тоа беше мојот сон.
Знаете, луѓето секогаш сакаат да најдат затоа, на нивното зошто, иако вие не сте го побарале ниту нивното зошто, ниту нивното затоа.
Ме прашуваа: „Зошто си одиш од Македонија, кога тука имаш убав живот, семејство што те сака и еден достоинствен живот?“ Ми велеа: „Ќе згрешиш!”
Ќе ме потапкаа по рамото и ќе продолжеа да чекорат по својот пат, мислејќи дека ја решиле загатката на мојот живот.
Според нив, јас бев грешник затоа што го следев мојот сон, а тие добронамерници кои требаше да ме одвратат од грешката. Престанав да се објаснувам одамна, сфатив дека е залудно.
Со стравот под рака чекорев стапка по стапка до целта - живот надвор од Македонија.
Да бидам искрен, им велев „Сакам да згрешам.”
Сакав да почувствувам на своја кожа како е да се бориш за она што веруваш, макар и да бара да жртвувам сè. Сакав да го почувствувам адреналинот на непознатото и стравот од она што ме чека таму.
Решително се борев со секој нивен контразбор, ја бранев мојата идеологија како да немаше утре, а тие како ненаситници само ќе се насмевнеа очекувајќи да се лизнам, да не успеам за да речат дека сум летал во облаци.
Луѓето ретко сакаа да те гледаат да леташ, а многу често уживаат во звукот додека паѓаш, за жал, тоа изгледа им беше запишано во упатството за употреба.
Додека жената се смееше преку шалтерот од култура јас ги подадов документите и се запрашав во главата: „Што ако се во право, што ако не успеам? Што ако не сум доволно добар, што ако ова е една голема грешка? Што ако навистина летам во облаците, што ако ова не е мојот пат? Што ако сè е залудно?”
Излегов од мојата глава, ги поддадов документите и немаше назад.
На тротоарот забележав јајце кое напукнуваше, од јајцето излегуваше мало пиле, од сите можни места по некоја случајност тоа јајце се нашло токму тука. Малото пиле, избезумено излезе од лушпата, исплашено од бучавата истрча кон зеленилото, кон непознатото да се бори за својот живот, без никој крај себе, само.
Тогаш си помислив: „ А што ако успее?”. Што ако целата оваа мака ми го донесе животот кој отсекогаш го посакував, луѓето кои секогаш сакав да ги сретнам и спомените кои што отсекогаш замислував да ги имам?
Што ако еднаш, за првпат во животот се запрашам, „Што ако успее?”.
Месеци подоцна добив потврден одговор, мојата замисла и покрај сите пречки и тешкотии, успеа.
Во тој момент сфатив дека сите мои несовршености, несигурности, целиот мој интегритет, јас како личност, сум совршен во својата несовршеност, едноставен во својата комплексност. Како да најдов причина која ме дефинира, а цело време била тука, мислата за успех, наспроти мислата за неуспех.
Затоа каде и да сте, што и да правите, одете до работ на вашите ограничувања, држете го стравот во едната рака, а вашата пасија во другата и препуштете се.
Вие сте господарот на вашиот живот, имате брилијантни идеи и остар ум, силни сте и храбри, совршени во својата несовршеност.
Македонија или каде било на светот... Не се плашете да згрешите, времето е сега и нема утре, имате сè скриено во искуството на вашите коски.
Верувајте во себе и своите идеи, вие сте доволни за да го имате светот. Не се прашувајте што ако не успее, туку посегнете и запрашајте се колку ќе биде убаво, кога ќе успее!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело / фото: depositphotos.com