Со парите можеш да купиш луксуз, но не и стил и манири
Навидум фино дотерани и стокмени господа со перфектно зачешлани сјајни фризури плукаат и ’ркнуваат секаде каде што ќе стигнат.
Во едната рака актовката со гравирани иницијали, во другата скапиот мобилен, а од устата се истураат илјада погрдни непристојни зборови и пцовки додека се движи по улицата.
Не се гледа пред себе, се гази по луѓето како да се теписончиња за пред врата. Зборовите „Извинете“, „Простете“, „Ве молам“ нема да ги пронајдете во речникот на овие типови на луѓе.
Напарфимирани госпоѓи со скапи чевли кои обвивката од протеинското чоколатце ја фрлаат на тротоар, наместо во првата канта за ѓубре.
Господа од големото добро утро што ги мрзи да пропешачат уште 20 метри и прописно да си поминат на обележан пешачки премин. Наместо тоа, ќе преминат една улица додека фрчат коли, па зелената тревна површина која некој се мачел да ја уреди со цвеќиња додека овие безмилосно ги газат. Па втора улица за преминување, а неретко за раката тегнат и некое мало детенце.
На одлични примери ја учиме младината, не ти треба пешачки премин сине, помини улица каде што сакаш и скокни од грмушката директно пред нечиј залетан автомобил.
За каде ти е „скоцкана“ таа прекрасна комбинација од скапи парчиња облека? За во театар, каде што не можеш да замолчиш и немаш трпение за погледнеш 5 минути од претставата без да се зазборуваш со пријателката?
За на концерт, каде што во најголемата тишина додека сите уживаат во музиката го вадиш мобилниот и со блицот штракаш додека не си го исклучила ниту ѕвонењето и звуците?
Само затоа што имате пари, не значи дека сè ви е дозволено. Можеби не сфаќате или не сакате да го видите тоа, но најчесто ги тероризирате останатите околу вас.
Недолжни келнери на кои им се истурате затоа што денот ви тргнал наопаку и во пропаднала зделката. Продавачки кои не се должни ниту платени да ги трпат вашите фрустрации.
Пливате во луксуз и префинетост, уште да може таа душата што ја носите на вас да си ја заперете малку.
Си го оставате ѓубрето зад себе каде и да сте, бидејќи не сте должни да го кревате нели и сметате дека некој друг понаивен од вас ќе го стори тоа. Вас тоа ви е под нивото, за другите е сосема во ред.
Не е собирањето на сопственото ѓубре под ниво, вашата култура е под тоа ниво. Вашето домашно невоспитување, вашата ароганција и мислата дека со парите може да се купи сè што ќе се посака.
Не може бе златни. Ќе си купите скапa брендирана облека, чиј бренд не знаете правилно да го изговорите.
Ќе понесете книга на плажа или планина и ќе се сликате со неа како многу начитани интелектуалци, а таа кутрата свртена наопаку. Ниту го знаете насловот, ниту авторот, ниту знаете да гукнете нешто поврзано со која и да било книга, не само оваа превртената наопаку.
Ќе се возите во скап автомобил додека фрлате отпушоци низ прозорецот или шумно ’ркате. Битно е дека кошулата ви чини 200 евра, што се важни вашите непостоечки манири на пристојно однесување.
Ќе се накитите со скап накит околу вратот и на прстите, а немате грам култура да сослушате некој друг, да влезете за момент во неговите чевли, да пронајдете зрно сочувство за туѓата несреќа.
Навистина, со парите денес може да купите сè! Сè освен воспитување, манири, стил, почит, карактер, разум, трпение, интегритет, љубов.
Ама пак кому му се потребни тие работи?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело