„Внука ми повраќа намерно по секое јадење“ - вистинска приказна за наша 6-то одделенка со булимија
Внуката на една моја познаничка има булимија, 6-то одделение е, каде отиде светот, a и ние со него?
Една женичка со која и не сум имала нешто повеќе од оние муабети од култура „Добар ден, како си, како се твоите, што има ново“ неочекувано ми го отвори срцето токму на една таква средба на поминување.
Почна да ми раскажува за внука ѝ, која неодамна ја видов и беше драстично ослабена, но си помислив тоа се тие тинејџерски денови со брзи промени. Женичката почна да ми раскажува приказна која дотогаш ја имав сретнато само на филмовите и читајќи по медиумите за животите на таму некоја си девојка од Америка.
Ми вели: „Не знаеш какви маки имаме, внука ми драстично почна да слабее, прво мислевме расте, но потоа стана загрижувачки слаба, се чудевме од што е болна, кога ја фативме како повраќа по јадење. Наведната врз шолјата во тоалетот ја видовме како си бутна два прсти во грлото. И тука ни се пресекоа нозете, сфативме дека е хорор што траел со месеци. Дека сите сме биле слепи при две очи.
Срцето боли мила... На сите доктори ја однесовме, но ништо не помага. Само стои пред огледалото, слаба чиниш фиданка што ќе се скрши на првиот ветер, и се фаќа за половината вели имала сало, бутовите ѝ биле дебели, била предебела, а таа болно слаба. Гледала на интернет манекенките колку биле слаби и убави, па некои видеа на Youtube, некои девојки како со повраќање ослабеле и ете ја.“
Ми се пресекоа нозете, БУЛИМИЈА само ми мина низ главата. Прекрасното девојче со кафени локни и зелени очи, кое до вчера безгрижно си играше фудбал и криенка на улица, сега е тинејџерка со тон комплекси и психолошка состојба која не ѝ дава да спие во ноќите.
Не е доволно добра затоа што не е слаба како моделите од насловните страници? Како можеше ова да ѝ се случи на неа?
Интернетот и пристапот до секакви содржини го убија духот на преслаткото мало девојче и ѝ го загрозија здравјето. Срцето ми се преполовува. Во каков свет живееме? Кога децата престанаа да бидат деца? Зошто растат пребрзо? Како да го заштитиш детето од демоните што ни ги донесе модерното општество?
Да му го земеш телефонот, па ќе ти рече дека сите имаат. Да му забраниш пристап на интернет, па ќе ти каже дека му треба за на училиште. Да го затвориш во стаклено ѕвоно, па ќе ти каже дека му ги кратиш крилјата.
Избезумена е женичката, избезумена сум и јас, а и не би можела да замислам како е да се биде во кожата на тие родители, на таа баба, на нејзиното братче... Колку само се преиспитуваат каде погрешиле, колку само се очајни да пронајдат начин да го вратат своето дете на вистинскиот пат.
И знам дека ќе го вратат, верувам дека ќе го вратат, затоа што имаат многу љубов во срцата за неа и затоа што ќе се борат со сета сила. Но, зошто мораше да се случи ова? Како можеше да се случи ова?
Што е погрешно со светот во кој живееме?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело