Зошто посегна по својот живот, зошто се предаде?
Што можам да кажам сега. Го чувствувам овој студ на моите рамена и ова сивило кое ме опкружува. Во рацете носам само еден букет, кога ме прашаа за што ми треба, ми застана кнедла во грлото. Што да им кажам пријателе, што можам?
Во рацете го имам и писмото кое стигна до мене, неколку дена по твоето заминување. Од сите на светот, ти ми се довери мене. Често зборуваше дека немаш никој близок, но си викам во главата зошто не дојде на кафе, зошто не очи во очи, што те спречуваше, што те натера да заминеш на тој начин?
Многу работи останаа некажани.
Го читав неколку пати, одново и одново, со секое читање се чувствував како јажето да се најде на мојот врат, како јас да го изгубив воздухот по сопствен избор. Мислев дека си похрабар, мислев дека можеш да се носиш со предизвикот на секојдневието. Зошто се предаде?
Најгоре пишува со извезeни ракописни букви, имаше прекрасен ракопис, разигран и среден, како твојата личност. „Понекогаш мислиме дека сакаме да исчезнеме, а она што навистина ни треба е да бидеме најдени”.
Ми капат солзи како што читам надолу, но морав да споделам, за да знаат сите оние коишто се чувствуваат така дека не се сами и во крајна сметка да знаат дека твојот избор не е решение кое треба да го одберат.
„Можеби не е хумано што целата тежина за моето патување кон неповрат ќе падне на тебе. Но не можам да ја издржам оваа битка, не можам веќе да ги водам овие секојдневни битки од кои само крвавам. Можеби претерувам, можеби премногу си ставам на душата, можеби премногу размислувам.
Натрупани сметки, трчање по шалтери, кредити, болест која секојдневно ме убива. Која е мотивацијата за јас да живеам?
Не ми остана ништо, не ми остана никој. Се чувствувам толку ладно, се чувствувам толку осамено. Не сакам веќе да те барам ниту тебе, мислам дека ти здосадив со секојдневните повици. Ќе ти бидам благодарен и од небото што ја имаше силата да ме истрпиш, да ме ислушаш кога тонев.
Знаеш дека цело време велев дека сум баксуз, а всушност требаше да сфатам дека треба да гледам позитивно на работите, ништо не изгледа толку црно сега во овој момент кога ја носам одлуката. Но што можам да направам, да жалам за животот кој го поминав калкулирајќи, за ноќите непреспани во кои требаше да се забавувам, а не да седам удавен во солзи. Како не сфатив дека треба да живеам, а не да се грижам за ужасите на секојдневието?
Требаше да се опуштам и да заборавам на сè, крајот секако доаѓа, порано или подоцна.
Нема назад сега. Ја нема ни жената, ни децата кои одамна требаше да бидат крај мене. Само јас, сам со одбројани денови, во овие четири ѕида кои ме натераа да помислам на сè. Дури и на она што никогаш не би ми текнало. Знаеш цел живот ти доаѓа пред очи. Се прашувам дали на луѓето ќе им текне на мене откако ќе заминам, си велам нема.
Не згрешив ништо, не направив ништо лошо, не посакав лошо, живеев по правилата како еден добар човек кој единствено нешто што сакал е да добие еднаква прилика како останатите, за да биде среќен. Можеби побарав премногу.
Си одам, можеби на најбеден и најпатетичен начин, барем оваа болка ќе биде краткотрајна, онаа другата веќе не можев да ја поднесам. Ќе заминам со насмевка, немој да тагуваш и онака порано или подоцна ќе моравме да се соочиме со ова.
Те сакам, ќе ми недостигаш.”
Ме убива секој збор, секој твој здив кој го чувствувам низ овие везени букви. Јас бев тој што последен се сретна со тебе, видов дека нешто не е во ред во твоите очи и не направив ништо особено. Мислев дека имаш само лош ден, посакувам да знаев.
Сега го пишувам ова за сите кои помислуваат и кои страдаат во тишина, заминувањето не е решение. Скршете ја тишината, секогаш има некој што ќе ве ислуша, некој кој нема да ви се сити на вашата мака и да ја подбуцнува вашата болка. Ослободете ја душата и истиснете го злото, бегањето не е решение, затоа што иако можеби изгледа дека нема никој на овој свет кој би се грижел за вас, има луѓе кои искрено ве сакаат!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело