Зошто не треба повеќе да одиме на Евровизија?
Ако постои категорија на најверни обожаватели на циркусот наречен Евровизија, дефинитивно тоа би било моето друштво. Секоја година без исклучок се собираме, малку за сеир, повеќе за смеа, почнува да тлее тоа патриотско жарче додека го гледаш државното знаме како провејува на екранот.
Зрнцето надеж дека конечно ќе се избориме за добар пласман почнува полека да расте, сè додека лошите сили не го згмечат како мала бубачка на подот.
Потоа дојадуваме и допиваме сè што има пред нас и се поздравуваме со зборовите - ајде, следната година повеќе среќа.
Тоа го зборуваме последниве 6 години и искрено – смачено ни е. Не можеме да изнајдеме НЗС зошто не успеваме да се пласираме барем во финалето на Евровизија.
Пееме просечно - и други пеат просечно, дури и потпросечно и фалшираат уште повеќе од нас, па се пласираат и дури и победуваат (сетете се само на Сертаб Еренер од Турција).
Имаме лоши песни - секогаш има и полоши песни од нашите, најголемиот дел од нив одат во финале, а некои дури ја носат и победата дома.
Мала државичка сме, сите нè мразат, тоа е балканското проклетство - како најсвеж пример е пласманот на соседните Албанија и Бугарија додека ние повторно заостанавме зад нив. И помали и помалку успешни држави остваруваат забележителни резултати додека ние сме на маргините.
Она што упорно го правиме последниве неколку години е тоа што првенствено избираме претставници и песни тајно, некако молчешкум и без никаков јавен избор.
Тоа не беше практика на почетокот. Се знаеше како се избира победникот, на фестивал, а последниот збор го има публиката.
Сепак ние треба да одлучиме кој ќе нè претставува како држава, а не некој што ја носи таа одлука зад затворени врати, нели?
Имам чувство дека секоја година нашата матрица се слуша убедливо најслабо. Секој што ќе излезе на сцената звучи колку-толку уверливо, моќно и ако ништо друго – барем гласно. Ние како да пееме секогаш на мала душа, звучиме кршливо и аматерски, што е поразувачки за нас, земја со таков убав мелос и толку многу музички талент.
Евровизиските сцени секогаш нудат многу можности за одлично претставување и секаков тип на кореографии. Ние досега не сме го искористиле ниту ова. Практично немаме кореографија на Евровизија, безидејно се вееме на сцената и изгледаме дезориентирано.
За волја на вистината, Евровизија е музичко фијаско, се потресуваме повеќе отколку што е потребно, бидејќи сè тоа е само една голема (политизирана) забава.
Како тогаш Калиопи (првиот пат), Каролина (двапати), Елена Ристевска успеаја да се пласираат? Сепак, мора да има нешто и до квалитетот (или среќата), нели?
Можеме да дебатираме со денови што тргнува наопаку, дали навистина сите нè мразат и коваат завери против нас, дали го нудиме максимумот од она што вистински може да му го покажеме на светот… Дали воопшто некогаш ќе го дознаеме рецептот за евровизиски триумф?
После 6 поразувачки години сметам дека не е и воопшто важно. Дури и ние, најголемите обожаватели, непоправливите оптимисти, верните поддржувачи и навивачи, кренавме раце.
Вреди ли уште да се заморуваме околу овој настан? Вреди ли да се фрлаат пари на Евровизија?
Зарем немаме поважни и поприоритетни работи каде што може да ги пренамениме средствата, со оглед на фактот што само нижиме неуспеси и разочарувања зачинети со јадови и срамови?
(О)Милена | Црнобело