Вие што гласно ѝ кажавте „леле директорке колку сте убава денес“ - Ве унапреди ли, успеавте?
„Леле директорке, што сте ни убава денеска! Па како ви стои жолто, како некое лале сте. Што парфем имате, прекрасно мириса! Значи најубава и најпаметна директорка имаме!“
Абре да може да се вовлечете онаму каде што не грее сонцето кај претпоставените сигурно ќе го направите тоа. Од што материјал сте создадени, уште не можам да се одлучам дали да ви аплаудирам или да ве потапкам по рамо.
Секаде ли ве има?, само тоа сакам да знам. Секаде, апсолутно секаде ли има по некој од оние лицемери кои се во состојба и чевлите да ги излижат некому само за да бидат забележани, да се дофатат по трошка внимание или да се унапредат.
По 3 дена директорката ја менуваат со друга. Истиот лик: „Аууу, па ти не знаеш колку беше проста претходната директорка. Жива неспособна. А една грда, неугледна, а бе никаква. Е новава да видиш за тоа каква е, госпоѓа“.
И така кругот повторно започнува да се врти од почеток. Се повторува истата приказна. Сега оваа директорка е најдобра, најпаметна, најубава, сè додека не биде сменета. После ќе стане вештерка, а нејзината наследничка ќе биде новата крунисана кралица пред која очигледно треба да паѓаме во несвест кога ќе поминува.
Тоа е карактер, не се менува, сте одбрале таков начин на живот и сметате дека така ќе успеете повеќе, ќе профитирате. Но, кога застанувате на нечиј туѓ пат кон успехот, кога ги саботирате оние кои работеле вредно и посветено, и кога со служите со валкани нечесни игри за да им ставите сопка и вие да се искачите скалило погоре, не сте повеќе луѓе во моите очи.
Вие, гзолижачите, сте најлошата сорта луѓе. Без скрупули, без трошка срам и интегритет. Како можете да се погледнете наутро во огледало?
Вие сте тие истите уште од основно – јас ќе ви го носам дневникот наставничке, јас ќе ви купам сендвич, преубава сте, омилена сте ми!
Продолжувате и на факултетот со истите финти, ги користите полесно и побезболно да се проврете низ лавиринтите и први земате дипломи. Не, не сме изненадени, ќе бидеме вистински изненадени кога ќе успее некој кој не поделил комплимент на ниту еден од надредените и го ценат исклучиво поради талентот и посветеноста кон работата.
Едната сорта додворувачи го прави тоа со цел да успее во работата. Не се бираат средства, ќе се употребат секакви ласкави зборови и комплименти. Што е вистински жално.
Другата сорта го прави тоа затоа што се плаши од претпоставените. Се плаши за своите права и никогаш нема да крене глас. Ќе потврдува со главата наведната, ќе крши прстиња, ќе молчи и само ќе потврдува: Да шефе, Така е шефе. Што е страшно.
Си патиме и од едните и од другите. Ги има премногу на број, како некоја наезда, како заразна чума се.
Но, знаете ли што ме чуди и плаши истовремено? Што таквите некој ги охрабрува, ги поттикнува на тоа однесување. Мора да постои некој кому му се допаѓаат ваквите луѓе. Затоа се множат, затоа се насекаде.
Вие за каде сте? Вие луѓе, што денот ви се прави ако некој под вас на хиерархиската скала ви каже дека сте убави, паметни и најубаво дотерани? Тоа ли ве храни, до таму ли дојдовме да не можете да препознаете вистинска од лажна емоција, или уште полошо – да ја препознавате, ама да ја прифаќате како вистина?
Застанете цврсто на земјата бре луѓе, заземете став. Не се продавајте за евтини комплименти. Вие пак другите не ги давајте, делувате смешно и патетично од страна.
Мислите дека многу сте успеале во животот, душички кутри. Ние нормалните се срамиме наместо вас.
Што се однесува до директорката „лале“ сега е во друга компанија. Ништо не е сменето, и таму секојдневно ја опсипуваат со комплименти за нејзината вонсериска уникатност.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело