Временска машина: Дестинација - '90-ите
Да, ова е уште еден текст во врска со деведесеттите. И да, не е последен, и да, прв текст на оваа тема од мене (и јас да си го кажам своето).
Овој текст нема да се однесува на „малишаните“ родени при крај на деведесеттите, затоа што немаат поима колку беше различно нашето детство со нивното. Однапред се извинувам ако низ текстот на моменти звучам како да имам сто години.
Прво, во наше време, се знаеше кој е најстар и кој е главен во маало. Се знаеше дека ќе јадеш ќотек ако не ги почитуваш постарите и без да ти се заканат. Игравме жмурки и граници до ниедно време. Дење игравме Штркот бара боја, Џамија, Шуто дупе, серва, рас двас трас, Нека бие нека бие, Сакате ли војна, Народна...
Пред компјутер се знаеше кога се седи. Одиш во играчница, таму е цело маало, му викаш на газдата да те пушти за 20, играш ко за 40 и се надеваш ќе заборави да ти каже дека си готов. Игриците беа: Ред Алерт, Тибериан Сан, Халф Лајф и слични.
Но, пред сите овие, беше времето на флиперниците - даваш пет денари, играш за колку што ќе те бива. Се остававме на Кадилакс, односно Мустафа на нашки кажано, на пинбол, на фудбалче со рачки, на фудбалчето на флипери со Аце играчот што играше во сите тимови, Стрит фајтер и Метал слаг, и други. А дома те чека нинтендото, или комодорето (кој како си ја наредил). Одиш од пазарче купуваш 100 игри на една дискета. Супер Марио, Галакси, Контра, Аладин, Таа со кучето... Е тоа беа игри...
Игравме фудбал на паркинг, пошто немаа луѓево пари за секое семејство по две три коли да има. Сега не можам со точак да поминам низ тој паркинг.
Ееее тоа беше време, се враќаш од школо, дома те чека реприза Ребелде веј на А1 (да, нема да се правам будала, сите гледавме - и машки и женски). Пред тоа, се знае: Дигимон, Покемон и Драгонбол. Ако утнеш епизода, и не стигнеш за реприза, одма врти по другари да ти раскажат што се случило, а не сега, на интернет ќе си симнам, па ќе глеам кога сакам.
Девојчињата гледаа Волшебнички (па и не само девојчињата), а ние машките Дрим Тим, па едвај чекаш да седнеш на интернет да провериш дали стварно постоел Харчестер Јунајтед. Се гледаше фудбал нон стоп, сите првенства, Италијанско на Телма, Премиер лига на А1, на канал 5 шпанско. Имаше само еден Роналдо, оној дебелиот, и тој беше најдобар, а не сеа да се караме кој е подобар: Меси или Кристијано.
МЗТ и Работнички беа клубови ипол, играа натпревари достојни за градското дерби. Пола од репрезентативците играа или во МЗТ или во Работнички.
Ако си богат, роденден во МекДоналдс, ако не, мама ќе направи торта некоја, па ќе викнеш дома друштво.
Првите дејтови беа од Мирц, ќе се договориш со некоја девојка што немаш поима како изгледа, ќе се договорите негде, ќе се разминете, никад нема да се најдете. И тогаш имаше тролови. Колку ли луѓе само чекале на некое утепано место со саати, да дојде девојка што не постои.
Израснавме со Симба, Бамби, Штрумфови, Шу Пипл, Балтазар, Пинк Пантер, Том и Џери (старите), Грашковци. За забава се глеаше Бушава азбука и Дајте музика. Сител Бамбини беше за губитници. Се јавуваме по квизови Бело глувче да играме, па јадевме ќотек дома пошто сме направиле голема сметка.
Собиравме албуми со сликички, од Џурасик парк па преку сите Светски и Европски првенства, па сѐ до Нинџа желки, дигимони и покемони. Се смеевме и тролавме на МС СМС, главни фраери беа тие што ќе изрецитираат песна од Угро, Магија или Нокаут. Ах, вечната борба помеѓу Магија и Нокаут...
На крај, поентата на текстов ми е: Џабе сме на Фејсбук и Твитер сите, кога не сум се видел со другари од детство сто години, не дека не се сакаме или нешто, туку дека си се следиме на Фејс, кој што прави, и после кога ќе се видиме, немаме што да праиме муабет, сè знаеме.
Го нема веќе она „Во пет пред зграда сите, пошто топло е порано“ и забегување дур не те викнат. Не е ни безбедно више да се живее ние како што живеевме. Се знаеше позорникарот во маало, страв и трепет. Ако галамиш, одма комшијата ќе ти се закани дека ќе го викне.
Сигурно има уште милион работи што фалат во текстов, ама не ми текнуваат во моментов. Ми фали коа ќе се јавам на телефон некој да ми се издере ВАЗААААААП. Освен кога имаше Супер Бинго, тогаш се знаеше... Ако не се издереш со сета сила „Гледам Супер Бинго!“, нешто ти фали во главата.
Ми фали да се стрчам со сета сила по скали, затоа што долу ме чекаат другарите за жмурка. Ми фали Брус Вилис да го спасува светот. Ми фали компјутеров да ми каже дека е безбедно да го стиснам копчето за гасење. Ми фали да се слуша од секое ќоше во секое маало „100% те љубам 100% е да“.
Сè ми фали, ама најмногу од сè, ми фали да го чујам она „Никола дома е? Ќе искочи?“
еНВи | Црнобело