Како тоа имате две деца, а само една соба за нив?
Немојте да мислите дека многу заостануваме зад светот. Тој е опседнат со материјални работи, а ние го следиме во чекор со нашиот консумеристички ненаситен апетит.
Колку помалку имаме, толку повеќе трошиме. Што е секако парадоксално и смешно, ама такви нè крои светот, технологијата, Инстаграмот и желбата за (само) докажување и покажување.
Последното нешто на кое добро се изнасмеав и не можев да се дочудам беше прашањето како ние планираме да чуваме деца во стан од 62 квадрати?!
Дали ќе сме си заминеле од станот и ќе го смениле за поголем? Дали ќе сме граделе куќа?
Не дека е ваша работа, но не - и НЕ.
Нема да го смениме за поголем и секако дека нема да градиме куќа, бидејќи одвај сме го средиле и овој, што е сосема пристоен, дури би рекла и – повеќе од пристоен за наши македонски услови.
Како да си им ги ископал очите на луѓето. Како тоа децата ќе се теснеле во една мала спалничка? Сега на училиште ги учеле дека секое дете мора да има своја соба, свое лично катче и приватност.
А бе златни, како да ви кажам… јас ја добив мојата прва соба на свои 16 години, и тоа само затоа што моите се жртвуваа и спиеја во преградена импровизирана спална собичка за нив. Јас практично ја наследив нивната спална соба, за да добијам моја. Да сум имала брат или сестра несомнено ќе сме ја делеле собата.
И што има чудно или лошо во тоа? Да, знаеме дека е подобро секој да има своја соба, но кога нема услови за тоа веројатно нема да се убиваме, нели?
Или да се задолжуваме до гроб само за да сите си го сместиме удобно газот во поединечни соби.
Од кога станавме така богато општество со ваков комодитет? Ние сме познати како држава во која генерално луѓето живеат во станови со нормална големина, каде што соби се делеле со браќа и сестри, па дури под еден покрив живееле 2, 3 генерации.
Одвај врзуваме крај со крај секој месец, вода немаме во очите, битно е – соби да имале двете деца. Ако ги немале собите ќе биле крајно несреќни и исфрустрирани.
Знаете ли што? Сите од мојата генерација израснавме во двособни станови и помали куќички. Сите на крајот од денот повторно се собиравме во едната дневна доба или се вртевме околу тенџерето во кујната.
И можеби сме немале толку многу простор, но сме имале муабет и дружба, комуникација. Не сме се изолирале секој во својата соба, да се кичми над компјутерот и да не се зборува со денови со родителите кои ти се под истиот покрив.
Не дека го идеализирам нашето време, затоа што секако не било сјајно или идеално, ама верувајте дека беше нормално.
Се живееше според условите, согласно примањата и должината на чергата. Денес дојде такво време да ти биде срам ако кажеш во колку квадратен стан живееш и дека децата ти спијат на креветчиња на кат.
А за тој стан само ти знаеш колку маки си тргаш, колку жртвуваш и си скратуваш од животните задоволства.
Па немојте многу да судите и не се занесувајте премногу со луксузите. Не заборавајте каде живееме, нација каде што владее робовладетелскиот банкарски систем кој нè цеди, па не знаеме каде ни се главите.
Живот на вересија, со крпење. Битно е да се има две соби за принцот и принцезата. Не одело машко и женско во иста соба. Бре, бре.
А ако имате 5 деца сите ќе спијат во одделни соби?
Полека малку со кавијарот да не се задавите. Или тоа маргарин и лепче беше?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело