За јазикот наш насушен и маката наша најголема

Кога се запишував на факултет сè уште имаше приемни испити. Со толкава радост сум се подготвувала за приемниот, ден и ноќ бев затворена со книгите во мојата мала соба.

Za-jazikot-nasushen-i-makata-nasa-najgolema-01.png

Јас бев од таа група луѓе кои одвај дочекаа да тргнат на факултет. Тоа ми изгледаше толку посебно, така некако важно, одвај чекав да стапнам онаму каде што мислев дека ќе ми се отвори цел еден нов свет.

И се отвори, но не беше воопшто пријатно како што замислував.

- Што ти текна вака на македонски?, ме прашува девојка од групата во првиот семестар пред почетокот на едно предавање.

- Многу сакам да читам, а и пишувам одвреме-навреме по нешто. Многу го сакам мајчиниот јазик. А ти?

- Вујко ми е директор на основното дома, па рече ќе ме вработи откако ќе завршам.

- А го сакаш македонскиот јазик?

- Паа, не баш. Малку ми е глупав, а и граматиката ни е тешка за учење. Хаха.

Со многу мал број на исклучоци, остатокот беа запишани на македонски јазик и книжевност од сосема погрешни причини.

Другите квоти биле пополнети, тука имало многу празни места.

Се немаат толку пари за фрлање во приватна квота, тука ќе влезеш во државна.

Лесно ќе се заврши ова (како да е некој забрзан курс, а не факултет) за разлика од правен/економски итн.

Ме чека вработување таму и таму…

Без грижа на совест можам да кажам дека имаше полуписмени студенти во групата. Ретко кој сакаше да чита книги, ретко кој имаше изграден вкус за литература.

Предавањата поминуваа напорно, во монотонија до заглушување. Ретко имаше дискусии, ретко некој да покажеше особен интерес за некој предмет или дело надвор од границите на проодната шестка.

Кога размислувам од оваа дистанца се чудам колкава будалетинка сум била. Којзнае што луѓе сум мислела дека ќе запознаам, какви ли интелектуалци што живеат и дишат за сопствениот јазик.

Луѓе коишто ќе го сакаат повеќе од која било друга јазична форма на изразување.

Луѓе што ќе работат на негово збогатување и афирмација надвор од границите на Македонија, луѓе што можеби ќе пишуваат проза и поезија, идните описменувачи на нацијата.

Мислев ќе излезат професори од групата за кои еден ден некој ќе рече – ете, заради таа или тој го сакам македонски јазик.

Како бе си завршила македонски јазик, таму дИнар пара нема, леле будала. И, што правиш сега со факултетот?

Се смеат, додека немо подголтнувам. Најубавото нешто, твојот мајчин јазик е сведен на кантар каде што му се мери профитабилноста.

Луѓето читаат сè помалку, современите македонски автори се бројат на прсти. Не е кул да читаш македонски автори, не ги бидува бе (а не знае да наброи ниту 5).

На децата не им се всадува никаква навика и љубов кон мајчиниот јазик. А кој ќе им ја всади, колешката чијшто вујко чекаше што побрзо да ја вработи?

Радо би учеле англиски од 3 години и германски и шпански (што секако не е погрешно, колку повеќе јазици зборуваш, толку си побогат). Но, не пред сопствениот.

Првите научени песнички на детето му се на англиски или на српски јазик. Што ѝ фали на Ринге ринге јаја? Ништо бе, ништо.

Има толку многу работи кои се одлика на идентитетот, а јазикот е една од најбитните. И ти го газиш, не си го цениш, му се потсмеваш, го маргинализираш, размислуваш да ја ставиш катедрата во мирување. Не носи пари, што ќе ти е?

И одеднаш, во премрежија како денешниве, јазикот, таа кутра душичка толку долго угнетувана и потценета е во центарот на вниманието и како полека да се освестуваме колку е важно, колку е значајно и колку боли кога националната привилегија ти се лизга низ прстите и го губи приматот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg