„Не им давајте на децата да се помачат за нешто во животот, сервирајте им сè на тацна“
Навикнати сме да не се мешаме премногу во туѓите манџи...
Пред неколку дена додека пиевме кафе со колешките, едната уште пред да сркне од кафето успеа да прокоментира како не е спиена цела ноќ бидејќи учеле заедно со девојчето.
- Ама не е ќерка ти малку голема?
- Е како не, има само 20 години.
Навикнати сме да не се мешаме премногу во туѓите манџи и да си ги зачуваме мислењата за себе, но ваквите изјави неминовно нè тераат да се запрашаме што правиме со нашите деца кога станува збор за воспитувањето и дали го тераме вистинскиот пат.
Некои пак размислуваат вака: колку мака видов додека да го зачнам и родам детето. Затоа сега го гледам како капка на дланка, ќе го мазам и пазам, па макар било најраспекмезено на светот.
Други пак се со мислата - јас сум немал ништо, сакам моето дете да има сè!
Дали овие ситуации ја оправдуваат нашата претерана грижа за децата? Што ќе биде крајниот резултат од нив? И она што најмногу ме мачи – ќе успеат ли да се снајдат некогаш сами и што ќе прават откако ќе нè снема од светов?
Ние настапуваме премногу заштитнички. Уште од градинка, детето ви се враќа со мала гребнатинка или џумка, а вие сте во состојба да кренете толкава паника, до таму што лично одите во градинката подготвени да ги истепате сите од прв до последен бидејќи некој ја гребнал вашата мала совршена порцеланска кукла, а некој не гледал додека се случувал „нападов“.
Во минатото немаше ни да ти обрнат внимание на гребнатинката, а дури и да ја видеа ќе ти речеа да си жив и здрав, да си пазиш повеќе во иднина и дека–така растат децата.
Е денес не растат така. Сакаш една играчка – ја добиваш, сакаш пет – ги добиваш сите, аман само замолчи и не плачи, срам ми е додека сите зјапаат во нас во продавницата.
Децата како да ја насетуваат нашата неискусност во воспитувањето, нашите разлабавени ставови, таа наша вонсериска бескрајна љубов, па успеваат да нè изманипулираат и да прават мајмуни од нас.
Ако ти го потскараат детето во училиште, тоа е скандал. Како можела таа некојаси учителка да му вика, да го срамоти пред другарчињата. Одиш да ѝ го дотераш умот и ѝ го поткопуваш и тој малку авторитет и достоинство кои ѝ преостанале.
Детето „не врти жива сила“. Ти од друга страна не сакаш да се мачи и да го малтретираш од мали нозе.
Има време, ќе научи, животот и онака е доволно суров. Па го сместуваш во едно убаво стаклено ѕвоно, каде што сè е совршено подредено според неговите желби.
Сака да игра таму – го носиш да игра таму. Сака да се купи тоа – се купува беспоговорно и веднаш.
Не сакаш да го јадеш ова, мама веднаш ќе стане да ти направи друго јадење. Не си ги завршил цртежите на време, тато ќе седне вечер да ги нацрта наместо тебе.
Сè за нивната среќа, сè само за една насмевка. Робови сме им на децата и мислиме дека им правиме услуга со тоа што ги буткаме надвор од кујната, надвор од гаражата, надвор од собите додека им ги чистиме како некои слугинки.
Мислиме дека ќе успееме да ги заштитиме од секое зло, па не се објаснуваме премногу околу тоа зошто некој е болен или зошто повеќе ги нема баба и дедо.
Малечки се, така до кај 20-тата. Ја чекаш мама да дојде од работа, да ти зготви, да ти намести за јадење, а вечерта да седнете и да го поминете материјалот за факултет.
Малечки се, не знаат да пополнат една уплатница и да се стрпат да почекаат ред во банка. Дај јас ќе го направам тоа наместо тебе.
Малечки се, не им зборувај за сметки или кредити. Не ги заморувај, имаат време пред нив да се грижат за такви работи.
Стриктно забрани ги зборовите како болест, смрт, сиромаштија, злоба, обврски, задачи.
Не му давај малку да се помачи за нешто во животот. Сервирај му сè на тацна, и внимавај да не се олади.
На истото тоа девојче од колешката на неколку наврати ѝ имам напишано 2-3 проектни задачи, една молба за на факултет. Сум преведувала пасуси и пасуси од англиски на македонски за неа, само затоа што жената ме молела да го сторам тоа, а немам срце да ја одбијам.
Но, не е во ред. Не е праведно. Не ѝ правиме услуга, не ѝ помагаме.
Утре ќе стане возрасна (односно, веќе Е, иако многумина ќе речат дека не е), ќе стане нечија сопруга, мајка, нечиј партнер на кој не може да се потпреш за ништо.
До кога мама и тато ќе бидат првиот повик на мобилниот за секоја една ситница? До кога е прифатливо да се грижат за нас и нашите потреби?
Зарем не доаѓа момент кога ние треба да ја преземеме грижата за нив и да им го олесниме животот и староста?
Како ќе го сториме тоа со генерации неспособни и изгубени деца?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело