Како да израснете вистински маж, наместо арогантно шовинистичко злобно маженце?
Сине, биди умен на тато, а убав на мајка. Хехе. Со овие зборови околу 90% од татковците кои ги познавам им се обраќаат на своите машки дечиња.
- А не може да биде и умен на мајка, прашувам?
Одеднаш, татково како да се збуни. А бе, може, може… ама знаеш, сепак, жена ми си е жена, малку ограничена.
Токму тоа го кажа овој сопруг за својата избраничка. Жената на неговиот живот, сопругата, мајката, онаа од чија утроба излегла оваа мамина и татина гордост е – ограничена.
Не ни сакав да навлегувам во дебата што значи тоа. Сепак нејзиниот примарен адут е очигледно убавината. Не храброста, не умот, не самостојноста, не можноста да се снаоѓа сама и одлично да заработува. Не. Таа е убава. И малку ограничена.
Впрочем, не се само одредени индивидуи виновни за овие предрасуди. Неретко и самите мајки ги советуваат машките деца да не бидат лигуши, да не се плачковци, да си ги држат емоциите и солзите врзани во крпче. Да стиснат заби, да се борат „машки“, да не бидат „женски петлиња“.
Да не се интересираат за некоиси таму женски работи, како балет или цвеќиња.
Дали воедно ги учите и да ’ркаат по улици, да плукаат, да пцујат гласно, да трескаат со малите рачиња по маса, да викаат, да се груби и безобразни, да се дрски и надмени, да мислат дека се подобри и доминантни, па целосно да се вклопат во калапот на алфа-мажјакот?
Од сите можни блузи, син ми се потегна по црвената. Му викам јас, абре не е тоа за тебе, женска боја е, ама не, таа ја сакал и готово. И на крај не купивме ништо.
Не можев да поверувам дека не му ја купиле блузичката со оправдувањето дека бојата била „женска“. Исто како што не можам да поверувам дека машките деца не е добро да одат на балет или танц, затоа што тоа ќе ги „омекнало“.
А за каде точно ги подготвувате, за каква војна или бој? Вие треба да ги подготвите за животот.
Добрите деца кои умеат да препознаат емоции и да пронајдат начин да ги изразат се силни, не ранливи. Нема ништо страшно во детските солзи, страшно е кога чувствата се конзервираат, а подоцна се истураат на најневозможните начини врз другите, во облик на насилство, агресија и чиста злоба.
На тоа треба да се работи дома, на училиште, на улица, секаде. Никому не му правите услуга ако го јакнете момчето на сосема погрешни начини. Најголемата штета ќе ја сноси токму тој, исполнет со недоверба, страв и фрустрации.
Самодовербата се создава со лекции по еднаквост, не со застарените догми дека машкиот пол е посилен, попаметен и подоминантен.
Убавите навики, доброто воспитување и кавалерството се всадуваат додека детето е мало. Таму нека место за лекции од типот на машки и женски бои, играчки и професии.
Таму постојат лекции дека жените треба да се почитуваат и да се сметаат за еднакви. Толку. Толку е едноставно и просто.
И да, нема да им падне бисерот на машките принцови ако сами научат да си го средуваат креветот, ако од мали се учат да им помагаат на родителите, вклучувајќи го и учеството во „женските“ обврски, како ручекот или алиштата или чистењето.
Впрочем, не се тоа женски, тоа се домашни обврски.
Не одгледувајте арогантни, шовинистички злобни маженца кои подоцна во текот на животот ќе ги истураат своите скриени фрустрации на таквите што само знаат „да шират нозе“ или паметот им доаѓа само кога „ќе им се удри по една и добро ќе се измлатат“.
Силен маж е оној кој е сигурен во себе, емпатичен, не оној кој ќе удри, викне или тресне најгласно, маргинализирајќи ја жената, исмејувајќи ја и правејќи таа да се чувствува потчинето и недостојно за неговото друштво.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело