За 10.000 денари ќе најдам да ми работи „авион“ ко од насловна страна!

Се будам околу 11 часот наутро. Намерно заспивам подоцна, затоа што ако станам рано, околу 8 часот на пример, мислам дека ќе збудалам самата со себеси.

za-10-000-denari-ke-najdam-da-mi-raboti-avion-ko-od-naslovna-strana-001.jpg

Денот е предолг кога немаш работа. Тоа е факт. Не работа во смисла да зачистиш, да зготвиш ручече и да избришеш прозорци. Не се прави тоа секој ден.

Денот е цела вечност кога не одиш на работа.

Си варам кафе, си правам појадок и седнувам да вртам огласи. Веќе ги знам напамет. Сите можни страници, сите активни огласи.

CV-то ми е средено, скоцкано, 100 пати препрочитано и прегледано да нема ниту најмала можна грешка. Имам мотивациски писма за неколку различни профили. Не пребирам, не сум суетна.

Еден период ме фати некој инает. Имам завршен факултет, имам магистратура, имам сертификати, имам работно искуство. Добар работник сум, зошто во секоја фирма морам да почнувам од почеток и да се покажувам и докажувам? Нели треба да се цениме малку повеќе?

Но, работа ниту за лек. Па полека си ги спушташ стандардите. Почнуваш да размислуваш за опции кои претходно не би ги разгледала ниту под разно.

Реномирана компанија сака лично да се однесе CV-то во нивното претставништво доколку сте сериозно заинтересирани за позицијата административен асистент. Секретарка во превод.

Во ред, како некоја наивна будалетинка одвај успевам да го испечатам (бидејќи немам принтер дома) и го носам. Газдата, мешлест чичко во доцните 50-ти години ги одмерува сите кандидатки пред мене од глава до петици и нè загледува во градите и газињата. Единственото што го прашува е – колку плата очекуваме.

Едната девојка срамежливо кажува – 250 евра за почеток. Газдата прснува да се смее. „Абе ќе најдам за 10.000 авион да ми работи, ко од насловна страница излезена!“

Ми се згадува, се вртам, го фрлам документот во кантата близу мене и излегувам.

Нов ден, нова надеж. Оглас за продавачка во огромен синџир продавници. Новопеченото менаџерче кои го држи интервјуто мисли дека лично разговарал со Господ. Арогантен е, суетен и сака да покажува сила на вакви несреќници како мене. Се обидувам да останам прибрана и културна.

Што ви е најбитно вас млада госпоѓице околу работата, ме прашува.

- Па првенствено платата, одговарам.

Платата, ма немој?! Еве, сега ќе ви докажам дека не е најбитна платата. Замислете дека ви даваме голема, огромна плата, но секој ден ве нарекувам козо, краво, овцо! Ќе ви одговара?

Не ми се верува што слушам. Одеднаш чувството на гнев и бес почнува да расте во мене, како огромна топка тесто. Претекува од вангличката.

- Јас мислев дека се подразбира нормална работна атмосфера. Замислете вас да ве тапкаат секој ден по рамо и да ви кажуваат колку одличен работник сте, а да ве плаќаат 100 евра месечно. Ќе ви одговара?

Менаџерчето се вцрвенува и нервозно пламнува. Многу знаете вие младите (кажа стариов мудрец). Сега сигурно ќе ми кажеш дека не си подготвена да работиш и во недела?

Станувам и излегувам кажувајќи благодарам и пријатно, додека менаџерчето истура порој погрдни зборови. Еден месец подоцна случајно купувам нешто во продавницата. Постара жена која одвај се движи и ја мрзи да покаже насока помеѓу санитариите и мебелот за дома очигледно била поподобен кандидат од мене и успеала да ја добие работата.

Седмо интервју за работа во рок од неполни 2 месеци. За чудо, културен и љубезен дечко ми објаснува дека работата е продажба на книги за самопомагање.

Кому ќе продаваш книги во оваа држава бе дечко? На крајот на нервите сум, полумртва, разочарана и близу дното. Ми го кажува хонорарот, а мене ми доаѓа да вреснам од смеење како перверзниот мешлест директор кој бира вработени според големината на градите и испрченоста на задникот.

Дечкото се збунува, го фаќа срам. Зарем оваа работа не доликува повеќе да ја понудите на некој студент, па да си заработи нешто за џепарлак, да се помеша помеѓу свет, да почне да гради работна навика? Ова е за некој без ден работно искуство, да му се даде шанса…

Знам бе девојче, ама што да правиме?

Се потегнале да спроведуваат интервјуа за хонорарна работа и надоместок понизок од половина од минималната плата, а се повикуваат кандидати со минимум 5-годишно работно искуство?

Каде вака, мила земјо? Зошто се чудиш каде ти се одлеал способниот кадар? Зошто си во грч дека за неколку години ќе останеш со 20-тина педијатри за деца?

Ова е држава во која царуваат неспособните и мрзливите. Тие се вработени, тие клатат врата и земаат плата. Ним им се дава шанса. Ним и на оние што „бараат работа“ ама молат бога да не ја најдат. За нив излегуваат шанси, се наоѓаат и врскички и луѓенца на помош.

Другите ќе се „окозат“ за работата. Ќе бидат исмејувани, понижувани, ќе поминат прво интервју, па тест, па второ интервју, па втор специјален психо тест, па консултации на Скајп… уште примерок од урина и бубрег да дадат за една обична работа.

За конечно кога ќе дојдат преговорите за плата да се дојде до заклучок дека навистина барате превисока сума. Не е важно што ви го изгубиле сето тоа залудно потрошено време.

„Не плачи бе девојче. Ќе работиш, ќе се наработиш цел живот. Млада си, ехее, живот пред тебе. Ќе најдеш работа“, ме теши баба ми додека ронам крокодилски солзи.

Навистина најдов работа после не знам колку години. Не сакам ни да се навраќам кон минатото и да размислувам какви понижувања истрпев и со какви фрустрации може да се наполни млад работоспособен човек тука.

Како да се намерачени да ти го скршат духот, да те изгазат со чевлите, да ти ја истиснат душата. Помалку од човек си, помал од зрно, ете така те гледаат, како да си НИШТО.

Па другари, ако сте од тие што стануваат подоцна за да го преживеат денот без работа, што ги знаат сите огласи напамет, што се на LinkedIn по 5 часа дневно во просек, што се трудат и уште не изгубиле надеж, што не земале туѓо пасошче и што не фатиле сè уште џаде, што се борат со ветерници, што ронат солзи поради неправдите, не сте сами.

Ви аплаудирам, ние сме последните херои. Ама и последните будали.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg