На искрените половина им се простува, на убавите целосно им се простува

Пред неколку години имавме задача да спроведеме интервју за работа. Во најтесниот круг останаа две кандидатки кои отприлика имаа слични квалификации и способности.

na-iskrenite-polovina-im-se-prostuva-na-ubavite-celosno-im-se-prostuva-001.jpg

На крајот, директорот требаше да пресече кој ќе ја добие работата од двете девојки и иако самиот призна дека и двете се подеднакво соодветни за работното место, сепак истото ќе ѝ го додели на поубавата девојка.

„Никој не сака да гледа непривлечни луѓе. Подобри шанси за успех имаме со поубавата девојка“, одговори.

Дали другата ќе се покажеше подобро на работната позиција, никогаш нема да дознаеме. Бидејќи, за жал, не ја поседуваше валутата со која тргуваше првата – убавината.

И колку и да се трудиме да замижиме пред овој суров факт, неминовно е дека денес убавината е на висока цена и е, и те како, битна.

Точно, убавината привлекува, карактерот задржува. Но, за некој да ви го дознае карактерот и душата која ја криете под површинскиот слој, потребно е прво да го привлечете со надворешната убавина.

На констатацијата како на убавите луѓе им е премногу тешко бидејќи никој не ги сфаќа сериозно, имам да ви порачам да не се занесувате премногу и да бидете среќни со она што го имате.

Бидејќи имате нешто што магнетски ги привлекува сите, сакале да признаеме или не. Луѓето се естети по природа, сакаат да гледаат убави работи, убаво сервирани јадења, пејзажи, а убавите луѓе не се никаков исклучок.

Светот се поклонува пред убавите луѓе доживувајќи ги со некој особен восхит, иако убавината не е некој совладан талент или научена вештина. Едноставно, родени сте со неа и поради тоа сте предмет на обожување.

Секогаш ќе бидете во блага предност пред останатите. Велат – на искрените половина им се простува. На убавите – целосно им се простува.

Ако си убава ќе го фатиш поубавиот дечко. Ќе успееш да поминеш преку ред во преполна редица на каса со едноставно трепкање на очињата. Ќе добиеш гратис производ. Ќе ти ласкаат, ќе те опсипуваат со комплименти.

Ќе те доживуваат како посилен, поавторитетен и поспособен.

Да е убавината така небитна и тривијална работа нема да трошиме толку време, пари и енергија на доведување на своето лице и тело во најсовршена форма.

Нема да ги пегламе брчките, нема да правиме пластични операции на клемпавите уши и кривите носиња. Нема да поминуваме часови и часови во тератана и да го обликуваме телото, нема да си скратуваме ништо од омилените јадења.

Нема да сликаме по 15 селфи-фотки со цел да ја избереме онаа на која изгледаме најпривлечно. Затоа што сме суетни и затоа што признавале или не – убавината е важна. Убавината е моќ, понекогаш многу посилна и од образованието и интелектот, што е навистина тажно.

Убавината воедно е прилично субјективна работа – некој што тебе ти е многу убав, мене може да ми биде грд, и обратно.

Но, убавината е минлива. Убавината која е непоткрепена со шарм или харизма е студена и пластична. И дефинитивно има ситуации и места каде што не поминува како единствениот добар адут кој го поседувате,

Што е убавината без суштина? Силно верувам во тоа убавината без памет е беспредметна. Дека убавината без добрина е бездушна.

Силно верувам дека убавото извира не само однадвор, туку и од мислите и душата. Дека убавото не е само очи, уста, гради и нозе, туку и ум, харизма, карактер, воспитување, добрина, манири.

Ниту една совршена симетрија на лицето и телото нема да ти помогнат да го претрчаш животот без пречки доколку си себичен, злобен и исполнет со отров и лошотилак.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Ученици му се смееја на професорот за погрешниот одговор, а тој им одржа животна лекција Професор им одржа животна лекција на своите ученици: „И да направите милион добр...
„Носите болни деца во градинка, затоа се разболуваат и нашите“ – Ми се гади од коментарите на родите... Немаме сите цело село зад нас што може да ни помага и ментално и финансиски и фи...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg