Што да ти кажам за Македонија пријателе?
Ех моја чудесна земјо Македонијо. Еве веќе некое време собирам храброст за да напишам нешто без да ги навредам твоите мили жители.
Знам дека ќе кажат дека многу солам памет и дека тропам глупости, тука тоа се првите зборови. Дослушување до крај никако, одма плукање, познати сме по тоа, како феномени кои ги нема во светот.
Ние сме раритет кој треба да влезе во литературата како посебен вид на човештвото. Од однесување, до навики, преку пцовки, па се до секојдневното живеење. Изопачените карактери од малото парче земја на Балканот.
Колку што се обидуваме да промовираме љубов, разбирање и взаемна поддршка, толку повеќе расте желбата да му ги откопаме очите на комшијата кој е поуспешен од нас. Колку што промовираме гостопримливост и дружељубивост, толку расте омразата во нас кон секој оној кој постигнал и направил повеќе од она што ние некогаш ќе можеме. Притоа во никој случај ние не сме тие кои грешат, нас толку ни е капацитетот, толку можеме, ама другите не смеат повеќе, никако!
„Што им текна сега на одмор да одат, фасада да прават на куќата, па уште кола ќе купуваат, можеби и наследија нешто. Види ги претходно голтари сега, милионери. Матат некои матни бизниси сигурно.” - Затоа што невозможно е луѓето да штеделе, па сега да им излегле поволни ситуации, ама не! Мора некој цело време на некој друг да му го удира есапот и секој да сака да се замеша во нечија манџа. Мора да има драма, без драма животот тука не бидува.
Само кај нас е срамота да сакаш некого. Да ти се допаѓа и да му се восхитуваш. Да, тоа меѓу младите е како ненормална активност. Како желбата на момчето да запознае девојче или обратно, зборувам за оние културни начини, со нормален пристап, да беше грев. Тој што ете случајно ги чувствува симпатиите се прогласуваше за НЕНОРМАЛЕН и беше јавно исмеван, како да извршил прекршување на сите Божји заповеди. Се чудам зошто не воведат смртна казна за тоа!
„Види го ма! Ми прати нешто, пак ме насмеа, ама што му е и јас што туку се смеам. Знае ли тој јас која мета сум за него. Може до утре да ме смее и симпатизира, будала, што си мисли, ако е добар човек, дека јас со него ќе излезам. Ај нека не сонува, ваква јака риба не се вози у кола од 2001” - Затоа што да бидеш добар човек со половен автомобил на денешно време е голем проблем, треба да бидеш ... идиот за да привлечеш внимание, очигледно.
За злобата и скислените фацки да не зборувам. Намуртени лица, по бутици, по продавници, насекаде дури и на места каде што треба да се насмеани. Како ти да си им згрешил што работат таму. Не, не само што работат таму како ти да си виновен за нивните неостварени соништа. Невоспитани и некултурни и покрај твоите милозвучни зборови, колку и да се трудиш ќе пробаат да ти го расипат денот. Што се случи со културата и среќата во малите нешта?
„Дечко сега ли ти текна тие фармерки да ги гледаш, па имаш други. Кој ќе ги здиплува, секако нема да ги купиш, не ми изгледаш како некој со доволно пари” - После сакаат бизнисот да им цути, ако сум студент, облечен скромно, не значи дека не можам да си ги овозможам твоите фармерки од 1.500 денари празноглава, ама кој да ти каже. Дури и да ти каже не разбираш, џабе е. Толку си празна одвнатре што единствена цел ти е да навредиш некого, тоа ти доаѓа како трофеј во текот на денот.
Наведнати глави, како да се срамеа што нема годинава да одат на спектакуларен одмор „у Грчка” или што нивната ќерка или син нема да носи брендиран аутфит на матурската вечер. Се срамеа ако не ги прават прославите во елитни кафани. Се срамеа од возење по автобуси и стариот автомобил на нивните родители. Се срамеа од сè она што немаше потреба да се срамат.
Наместо енергијата да ја насочат кон нешто позитивно и продуктивно, како големиот дел од овој народ, бидејќи секогаш има исклучоци фала му на Бога, да се стремеше кон негативни чувства.
Се жалеа од ниски плати, а не сакаа да побараат нешто друго, да ризикуваат да пробаат, да жртвуваат за да остварат повеќе. Немаа да платат во маркет, ама имаа пари за „исклучителните” турбофолк концерти на нивните омилени „певаљки” и светкавиот фустан со 10-ка штикла во прв ред со пијалак во рацете.
Немаа време да си го средат сопствениот живот, ама затоа на другите му го средуваа во пет минути за наредните десет години.
Немаа време за едукација и учење на корисни работи, но имаа време да јадат бурек зад грб за секој еден кој го познаваат на попладневните кафе средби. Беа сè освен работници, скромни и искрени. Друго сè имаа, освен тоа. Она што е најинтересно беа земени како репрезентативен примерок кој ќе не претставува на сите во очите на сите кои прв пат доаѓаат тука.
Седам така и ми поминува се ова во главата кога пријателот од САД ме прашува што би кажал за мојата земја. „
„Што да ти кажам бе пријателе? Овде сè е лудо, супер е, ќе видиш”.
Тој ме гледа зачуден, не може да сфати дали она што го кажав е добро или лошо. Да бидам искрен ни јас самиот не можам да проценам. Затоа не додадов ништо, мислам тие неколку збора совршено опишаа сè.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело