„Го фатив автобусот за Скопје и ја научив најубавата лекција за љубовта од случаен сопатник“
За момент запрев, човекот воздивна и ми кажа:
„Во животот, тркалото се врти, па мене ми дојде редот за сите нервози и непрeспани ноќи. Таа си замина без збор, а јас бев целосно безнадежен. Немав желба за ништо. Како светот да запре.
Се изолирав од каков било контакт со луѓето. Сфатив дека сакам да се сменам. Колку и да звучеше тоа смешно, сакав да се сменам целосно.
Да нема веќе лаги, да нема веќе маски. Да бидам искрен, чувствителен, верен, во најмала рака да бидам човек кој таа го заслужуваше.
Помина време, нема да лажам, успеав во својата цел, се сменив. Веќе не размислував за секоја втора и лажно исфорсираната потреба во саботните ноќи за прељуба.
Сакав чиста, искрена емоција. Бев спремен да затропам на нејзината врата, за како просјак да побарам трошка љубов. Оној кој некогаш се расфрлаше, сега просеше за љубов. Колку е чуден животот.
Сметав дека треба да се прескокне преку гордоста, преку болката и сè она што беше заклучено во минатото. Сакав да знае дека јас сум човекот кој е за неа. Покајникот кој научи од своите грешки. Грешникот кој стана свесен за своите гревови. Оној кој мислеше дека може да има сѐ, а сега немаше ништо.
Таа ме погледна со еден наивен поглед, мислам дека никогаш нема да го заборавам сјајот од тие очи. Ја тргна косата од лицето. Беше спремна да ми прости, без разлика колку јас не заслужував.
Од тогаш до денес, не сум престанал да дишам за неа. Сите тие жени кои порано ми беа опсесија сега се само одбиени патнички, кои залудно се трудат да резервираат седиште во автобусот кон мојот кревет.
Од тој ден младичу, јас научив што е љубов, овојпат вистински.
Невозможните работи се возможни само ако се заложиш себеси, како најголемиот влог што некогаш постоел. Сега одмори се, ќе ти треба.”
Пред да заспие човекот ми даде визит-карта, го прочитав името кое не ми значеше ништо, пишуваше Марко Николоски.
Се заблагодарив и продолжив да зјапам во мешавината на снег и дожд низ прозорецот.
Потоа само слушнав „стигнавме”. Сум заспал. Се разбудив и забeлежав дека иако автобусот беше полн, но на седиштето до мене немаше никој.
Се зачудив и посегнав да ја побарам визит картата на човекот. Не можев да ја најдам. Не можев да ја најдам бидејќи воопшто и не постоеше.
Сум сонувал. Сон кој подоцна го промени текот на тој ден и целата смисла на мојот живот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело / фото: depositphotos.com