Вие иселениците многу брзо заборавате каде и како живеевте

Пред неколку години, една од моите најдобри другарки се отсели во странство. Причините за преселбата беа и повеќе од познати, тато технолошки вишок и мама со плата од 12.000 денари.

vie-iselenicite-mnogu-brzo-zaboravate-kade-i-kako-ziveevte-001.jpg

Многу познато сценарио со повеќе од познати ликови кои ги гледате низ секојдневието. Четиричлено семејство стуткано во 2 соби, со минусно салдо на сите шарени пластики од сите можни банки кои се вртат во круг.

Оној живот кој го живееме барем најголем дел од луѓето, веќе втората недела по добивањето на платата се пребројуваш, а последната дишеш како „на шкрги“.

Недај боже да ти задоцни платата еден месец, настанува апокалипсата. Се жалиш на болки во ’рбетот, болки во желудникот, главоболки. Навечер не спиеш додека се думаш како да сврзеш крај со крај. Познатиот наш животец и нашето животарење.

Дипломирани – да. Работа - не. Шанси за вработување – нула. Следниот логичен чекор беше нормално – да се побара среќата по белиот свет.

И заминаа луѓето. Се помачија, но им се насмевна среќата, како што бидува секогаш онака со храбрите.

Ретко си доаѓа другарка ми, навистина ретко. Има многу работа, многу нови пријатели. Кога има одмор или повеќе слободни денови може да отпатува секаде каде што ќе посака.

Се радувам за неа и нејзините. Си помислувам – заслужија луѓето, после тие стресови и понижувања, тоа скришно дробење апчиња на гладно срце, денови и денови бајат тврд леб и маргарин и ништо повеќе во празниот фрижидер.

Другарка ми сепак дојде пред неколку месеци. Односно, дојде некоја девојка која однадвор личи на неа, но повеќе не беше истата онаа која си замина.

Имено, се случи она што се случува со најголемиот дел од луѓето кои заминуваат од тука – доживуваат еден вид лоботомија на мозокот, а потоа се чудат каде тоа живееме ние.

Дури и изненадени се – а што, имате оптички интернет? Не, си испраќаме димни сигнали кога сакаме да комуницираме со светот.

Како 5 години да беа сосема доволни да се избрише мизеријата во која живееле, да се заборават сите тешки денови, сета немаштија, сите пролеани солзи поради тоа немање нешто ново, нешто убавко, нешто толку ситно, а сепак – недостижно.

Се случи да ми се расипе компјутерот без никаква шанса за поправка. Искрено, се ѕвездосав. Најмалку ми требаше тој трошок, токму сега. Кога ќе помислам – нема добро и погодно време за трошоците во Македонија – боледуваме кога треба да се купи нешто ново за домот, кога те „спотеруваат“ 3 свадби едно по друго, кога треба да ја регистрираш колата. Мртви сме, не чепкај нè.

Како што оди редот, започнав да гледам каде може да си земам компјутер на рати без камата, најевтино, најповолно.

- Леле аман, 3 пати ќе го преплатиш така компјутерот. Оди и купи си нов во готово, 500 евра е, џабе.

Џабе. За другарка ми сега тоа е смешка. Џабе. За мене се 2 плати. Се насмевнав и си помолчав.

  • - Да одиме во кино денеска, предлага другарка ми.
  • - Да почекаме вторник, поевтини се картите тогаш.
  • - Леле, колку поевтини, што ќе заштедиме, 100 денари? – се смее другарка ми.

Се смеам и јас. Од мака. Мора да изгледам страшно смешно и глупаво отстрана, како некое мало зрно кое се тркала и се моли да пронајде процеп меѓу паркетот и да исчезне засекогаш.

  • - Знаеш дека во Америка пуканките се поскапи од картите за кино?
  • - Навистина? Па продавај пуканки, ќе се збогатиш.
  • - Како да не, не сум јас продавачка.

Во мене полека набабрува некој неопислив бес, помешан со лутина и тага. Мајка ти беше продавачка, сакам да ѝ речам. Сè уште молчам.

- Уште луѓето си купуваат облека во Шутка? Леле, уште ли постои пазарот таму? – се смее другарка ми како да прераскажува некој страшно комичен филм.

Немам срце да ја потсетам дека не толку многу одамна како што си мисли, и ние си купувавме евтини патики и фармерки и џемперчиња од Шутка. Се сеќавам дека татко ми нè одвезе дотаму и нè врати назад до дома, а ние пресреќни што сме си се подновиле.

Знаев дека нема ниту 50 ден. за автобус и сосема нормално беше да си помагаме, да се поддржуваме, бидејќи бевме најдобри другарки и се чувавме една со друга.

Сега не знам што сме. Не знам која е оваа туѓинка пред мене која блеска со вештачки избелените заби и долгата коса којашто не е природно нејзина. Не знам која е оваа личност која му се потсмева на животот што го живеела до пред 5 години.

Не знам која е девојката што стои пред мене и се чуди на сите тие евтини цени кај нас кога многу добро знае дека не ни се ниту блиску на дофат на прстите, бидејќи џебот ни е преплиток и празен за нив.

Не знам од каде извира тој потсмев во неа, не знам како толку брзо заборавила или толку добро се преправа дека не памети како живееше некогаш.

Како плачеше секое утро што тргнува со 20 денари кон средното училиште, а јас ја тешам дека со моите 80 имаме вкупно 100, и доста ни се.

Како двете ги мачкаме усните со истиот евтин сјај, пиеме скиселено вино, „мезиме“ од најевтините грицки, сонуваме за поубава, посветла иднина во која нејзиниот брат има доволно пари да се исели од дома, наместо да ја делат истата детска соба со креветчиња на кат, иако двајцата имаат вкупно 35 години.

Секој се навикнува на убаво. Лесно е да се навикнеш на убавото.

Но, не заборавај кој си. Не заборавај го грдото никогаш. Не глуми, нема потреба да нè воодушевуваш.

Само така ќе останеш човек и ќе си задржиш пријателите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg