Родители подлизурковци, најдете си друго хоби наместо да им се додворувате на учителките

Тој период од годината е, претпразнична еуфорија, време на купување и подарување. Во сето предновогодишно лудило сигурно не ви паѓа на памет да ѝ купите нешто на учителката од градинка на вашето 4-годишно детенце, нели?

Prestanete-da-im-se-dodvoruvat-na-ucitelkite-01.jpg

Погрешно. Секако дека треба да ѝ се купи најблескавиот и најубавиот подарок, бидејќи токму поради него, шансите вашето неталентирано злато со две леви нозе да се најде во центарот на новогодишната претстава, драстично се зголемуваат.

Тоа додворување е обострано. Родителите ѝ се умилкуваат на учителката за нивното дете да биде најмазено, најпазено, најфалено и секогаш во центарот на вниманието.

Учителката пак си прави проста математика. Аха, мајката на ова детенце работи во УЈП, ќе ми треба човек за таму. Таткото ќе донира нешто, и тој има многу врски секаде, ќе ми се најде. Сè што треба да направам е да глумам како нивното дете е супер талентирано и да го буткам пред сите останати. Их, голема работа, проблем ли е.

- „Еве еден крем, да се освежите учителке. Не дека ви треба, па вие колку сте млада и убава. Значи ваква учителка никој нема, Патриција од уста не ве вади, ептен ве сака, проследено со најизвештачената извежбана насмевка која може да ја замислите.“

На Патриција искрено баш ѝ е гајле за учителката. Децата ги интересираат само другарчињата, играчките и игрите на тие години.

Но, родителите се тие кои го создаваат притисокот од најмали нозе, за да го нацртаат детето во центарот на мапата на вниманието. Немој случајно нивното дете да биде обично, просечно детенце. Не, тоа мора да биде најпаметно, најубаво, најскапо дотерано, најинтересно од сите!

Учителката кажува кои вежбанки може да си ги купат родителите за идната година, доколку сакаат малку повеќе да се подготват пред да тргнат во нулта-групата.

„Ние веќе еднаш ја поминавме вежбанката“, ревносно изјавува една од мајките-подлизурковци на состанокот. Тишина во малата училница. И што сега?

Честитки, аплаузи, споменик да подигнеме во ваша чест? Да ви обесиме медал што не ги оставате децата да бидат деца и раатот и детството почнувате да им ги кратите уште на само 4 години?

Изгледате толку очајно во трката на себеистакнување. Најтажно е што ваквите ниски обиди да се покажете и докажете пред другите ги поистоветувате со љубов и грижа кон детето.  Не го правите тоа за детето. Го правите исклучиво за себе, што е смешно и тажно истовремено.

Вие сте таа неподнослива група што толку очајно сака да се претстави како супер-родители. Први на сите работилници, први со вежбанките, први со подароците за учителките, први со идеите, први што изјавуваат дека сумата од 750 денари за сликање во алманах е сосема оправдана.

Деца во градинка се сликаат за алманах? Абре каде оди државава, остана ли памет во некого?

Недај боже некој да им противречи, да им се спротивстави. Ве погледнуваат така накосо, така пакосно и луто, како да сте најлошите родители кои ја газат земјата.

Како да не си го заслужувате епитетот родител, како да не ви е дојдено до радоста на детето. Впрочем, како може да се мерите со овие супер загрижени, супер посветени, супер умилкувачки родители кои упорно ја викаат учителката на after work забава секој петок?

И си комуницираат на Фејсбук. И си „лајкнуваат“ фотки. Кој ти е тебе виновен што не се дружиш толку со учителката, не ја трупаш со подароци, не ѝ вршиш услуги, па твоето малечко, иако е едно од поталентираните во групата секогаш ќе остане во сенка на оние со две леви ноџиња кои не знаат ни името правилно да си го кажат.

За крај, ова не е нешто ново или необично, барем не на нашите простори. Секогаш имало родители кои им се додворуваат на професорите, кои донираат пари да се вароса училиштето, кои купуваат телевизор, кои се спонзори на некој настан со цел нивниот мрзливко да помине одличен. Таквите ги имало и ќе ги има.

Само што никогаш не се започнувало со циркузов толку рано и никогаш не било толку силно изразено како во денешно време.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg