Не ти се плашам!
Беше четврток, ден пред продолжен викенд, седев мрзеливо во канцеларијата, затоа што ја имав завршено работата предвидена за тој ден. Пребравував нови теми и расчитував нови наслови за да се подготвам за наредниот понеделник, за да не го трошам времето залудно.
Стрелките на часовникот бавно ја минуваа својата зацртана траекторија, од прозорот се гледаше само по некој паднат лист, немаше луѓе, бидејќи беше премногу ладно. Бавно пивнав од кафето кое останало во шолјата. Сè беше западното во зимска монотонија и само како да се чекаше продолжениот викенд за да настане едно мрзеливо истегнување во креветот до доцна. Бев сам во канцеларијата.
На мое изненадување влета шефот како фурија, по третпат оваа недела. Во принцип бев човек кој мрази лоши испади и неправди. Не знам зошто, но мене животот ме научи да не бидам човек кој лиже задници, ниту па некој кој стигнал до она што го сакал користејќи ги своите пријатели, притоа јавно искажувајќи ја својата неспособност и неумешност.
„Што ти реков јас тебе?” изговори тој со прстот вперен кон мене.
„Да дадам оценка на новиот вработен, како што и направив, зошто, има некој проблем?” одговорив со смирен тон, затоа што имав многу аргументи кои ја поткрепуваат таа оценка, а знаев што сака да постигне.
„Си му напишал 3/5, свесен ли си ти што правиш, свесен ли си дека без двоумење требаше да напишеш 5/5, тоа ти го напоменав сто пати, толку ли е тешко, толку ли мора секогаш да бидеш трн во око. Имаш среќа затоа што голем дел од фирмава стои на твои рамења инаку досега сто пати ќе те избркав поради таа твоја непослушност. Да не се повторувам, преправи тука, потпиши и повторно удри печат. Без коментари, го чекам да биде доставено на моето биро со оценка 5/5.”
„Мојот извештај е целосно објективен и поддржан со факти. Твојот нововработен во ова наше државно фирмиче нема познавање на англиски јазик, исто така нема искуство со задачата која што му е доделена, а згора на сè никогаш не бил раководител на погон, всушност тој е целосно неподготвен за позицијата која му е доделена, да не речам ниту законските регулативи не го дозволуваат тоа, ама да не заборавиме каде живееме...
Од неговата неумешност и лошо менаџирање, од неговото поставување, имавме два големи дефекти во една недела. Боже мој, се случуваат такви работи, но грешките беа од негово нерационално користење на опремата.
Базирано на периодот кој требаше да го оценам и земајќи ги другите вработени како репер, тоа е реалната оцена, а тоа што тебе не ти се допаѓа, тоа јас не сносам одговорност и не е моја грижа. Нека се мотивира, за наредниот пат да има подобра оцена од мене. Засега е вака и никако поинаку.”
„Ти кажав дека не сакам да слушнам погрешни одговори, ама гледам нешто не ти е јасно, не ми се инаети и напиши што ти реков, инаку... “. рече тој со едно негово невоспитано, простачко однесување.
„Зошто мислиш дека ти се плашам, треба да ти појаснам, НЕ ти се плашам!
Знаеш зошто? Затоа што без мене нема да можеш да си го почешаш задникот, ти немаш претстава што се случува и само чекаш јас да ти ја избркам работата.
Нема проблем ако сакаш да му напишеш 5-ка пиши си во твојот формулар, имаш ти свој. Јас ќе бидам објективен и ќе си ја оставам мојата тројка. Затоа што сметам дека не е фер да бидам субјективен само кон него и тоа затоа што ти така сакаш.
Немаш моќ над мене, затоа што и самиот знаеш дека јас не сум овде поради додворувања или пак да предизборни трчања за потписи по списоци. Тука сум затоа што си ја бркам работата и секогаш сè е скоцкано и средено, на време, без никаков проблем.
Ако имаш проблем со мојата искреност, смени ме, само и сам знаеш дека немаш аргументи, базирано на моето досегашно работење. Да знаеш спремен сум да те тужам за злоупотреба на државна должност и приватно за мобинг. Ако сметаш дека имаш вишок пари, слободно пробај се, не ми пречи, само да бидеш предупреден дека нема да седам така ќе си се борам за моите права.
Јас не отстапувам, како што кажав три пати претходно оваа недела така и сега. Мојата оценка останува и тоа е последно!”
Удри на масата, ги крцна забите, му доаѓаше да ме задави. Ја тресна вратата и излезе. Јас не почувствував гнев, знаев дека со таквите сељаци кои сакаат да шефуваат на тој начин ќе мора да ги имам тие мини нервози.
Но, не се плашев. Знаев дека поседувам квалитет, знаев дека можам да се снајдам и во друга фирма и ми дојде насмевка на лицето што не бев подлизурко како тие околу него, а сепак ја држев мојата позиција. Убаво е чувството кога не ви е даден задникот под кирија. Немаше подобро чувство.
Наеднаш денот доби знак на мојата бунтовност, на која многу се гордеев и бев среќен што јас, иако еден, правев мала разлика во ова расипано општество. Си помислив, не е толку тешко и другите да го бранат сопственото јас. Но, ми текна дека пола од нив се неспособни, а пола се таму поради пријатели. Тогаш ми текна и на другите кои не замолчуваат така лесно, во главата само си помислив, секоја чест на исклучоците. Имаше ли оправачка за нас, како народ?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело