Не верувам во црни магии, но верувам во црни срца!
Не знаете која им е дијагнозата, но како да страдаат од хронична алергија на туѓата среќа.
„Интуицијо моја, зошто заспа?“... Дали некогаш сте си го поставиле ова прашање? Дали вие, кои секогаш сметавте дека имате шесто сетило поцврсто од челик, сте биле крајно разочарани од одредени личности?
Години животна школа со убави шлаканици, но некако како да не сакате да прифатите дека завидливиот пријател останува таков до крајот на животот, затоа што тоа му е длабоко врежана карактерна црта, дека неверство не се простува, затоа што прашање на време е кога женкарот повторно ќе подлегне на лелеаво женско здолниште, ниту пак се живее за среќни краеви, туку се живее за мигот, затоа што тие среќни краеви можеби никогаш нема да дојдат.
Како да потфрлате во психолошката проценка на луѓето и упорно очекувате премногу од луѓе, кои навистина малку може да ви понудат. Па како може да ве сака многу човек со мало срце, како може да не ве лаже човек без грам совест, како може да ви биде искрена пријателка жена без љубов кон себеси?
Сите аларми за црвена тревога се тука, но вие упорно верувате дека луѓето по автоматизам се добри. И се, за среќа, поголемиот дел од нив се, но сепак во свет како денешниов вистински луксуз е да го послужите срцето на тацна пред да направите комплетна проценка за можните последици.
И го мразите тоа... знам дека го мразите, затоа што и јас самата мразам да си ги сечам крилјата уште пред да започне летот, но некои ситуации баш црно на бело ми нацртаа дека не се отвора вратата од домот и срцето секому. Колку и да е неавантуристички, некако мерките на претпазливост како да станаа неопходни во ова време невреме.
Како стареете, како да започнавте да ја разбирате таа затвореност на одредени ваши блиски луѓе, која до вчера ја мразевте од дното на душата. Ви беа крајно незабавни, крајно неподготвени да го живеат животот во полн здив, но очигледно тие научиле некоја лекција на своја кожа пред вас.
Изгледа вие ја имавте среќата доволно долго да верувате дека сите што ги сакате ќе ви возвратат во иста мерка. И откако вака или онака ќе се освестите за ситуациите пред вас и за неискреноста на одредени ликови, потоа секој нивни потег ќе сфатите дека сведочи за тоа, но претходно сте биле сосема слепи за да не го земете воопшто предвид.
Не знаете која им е дијагнозата, но како да страдаат од хронична алергија на туѓата среќа.
Мразат насмевки што не се нивни, ги депримираат успеси што не се нивни, им посакуваат лошо на луѓето што го гледаат животот со оптимизам... Неопходно е да научат лекција или две и да сфатат дека наместо со нивните мрачни мисли да фрлаат сенка врз својот живот додека целта на нивната омраза само продолжува да си го живее животот во свој стил – оптимистички и со насмевка, треба од неа да украдат некоја финта како треба да се живее.
Наместо да се концентрираат на „црни магии“, нека направат нивното секојдневие да биде обоено со најубави бои, посакувајќи му секому само добро. На добрите луѓе со добро им се враќа, без разлика колку и да доцни исплатата!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело