Како може да се живее во толку стресно време, а да не дозволиш да го чувствуваш стресот?
„Застани, каде брзаш, каде тие нервози и зошто толку притисок на душичката, немој да дозволиш да ја изгубиш младоста” – велеше мајка ми секогаш кога ќе ме видеше како работам како луд.
Јас само ќе ја кренев главата и ќе кажев, „Мамо, ни требаат пари, морам, имам ли избор?”
Таа само ќе се насмевнеше и ќе речеше „Имаш, не се парите најважни”. Најголемата лага која ја кажуваа луѓето, дури и таа самата не веруваше во тоа. Јас знам дека се обидуваше да ја оттргне тежината од моите рамена, да ме натера да се ослободам, но главоболките доаѓаа од сметките за струја, регистрацијата на колата, екскурзијата на брат ми, непредвидените трошоци и обидот да се има вкусна храна на трпезата. Ги имаше насекаде, секој ден, сè повеќе и повеќе.
Како луѓето велеа дека парите не се најважни кога од нивното присуство или отсуство зависеше целиот тек на животот?
Како да се тешев со тоа дека ако не заработам, пак ќе бидам среќен, знаејќи дека нема да можам да ги покријам основните трошоци. Дали тоа ме правеше материјалист и воркохолик или ме правеше човек загрижен за иднината кој само се обидува да се обезбеди себеси и другите околу него?
Дали секојдневниот притисок за подобро утре ме тераше да го испуштам животот, да заборавам да уживам во малите работи за кои сè помалку имав време?
Понекогаш додека земав здив со мојата 15-минутна дремка на каучот се прашував како да се добие тој среќен живот, без пари, за кој сите зборуваа. Како да ги оставам тие секојдневни обврски, кои ми го трупаа времето, кои ме тераа да се испотам, да се заборавам во долгите работни часови, да го пропуштам сонцето, да не ја видам месечината, да го изгубам сонот и да сакам да бидам некаде, а да не можам да стигнам?
Дали фокусирајќи се на ситните делови ја пропуштавме целата слика?
Ја сакав куќарката, со сламен кров, со оган од исцепени дрва, со малку сирење и топло лепче, ја сакав таа идила и романтиката, интимноста и блискоста која ја нудеше, но во реалноста беше сосема поинаку. Едноставно како финансиската стабилност да ја дефинираше таа куќарка која би требало да биде бесплатна, како некој оксиморон на постоењето. Како се стигнуваше до неа и до тоа спокојство?
Како да престанеш да се преоптоваруваш кога од секој чекор сега ќе зависи твојата иднина?
Сите ги креваа рамениците, сите зборуваа за тој живот среќен без притисок, без грижи и без нервози, а секојдневно болниците беа преполни од луѓе кои завршиле таму со какви не дијагнози предизвикани од стресот. Им се читаше на лицето, секој втор живееше под стрес, а сепак никој немаше одговор, само еден совет „не се парите најважни“, кој воопшто не ти користи.
Така влегував во циклусот, сакајќи да ги пуштам мислите, да лежам на лежалка од лисја под дрвото, до таа сламена куќарка, но реалноста ме тераше да ги подготвам часовите за наредниот ден и да ја разгледам програмата за новото работно место. Имаше многу да се прави, не дека тоа ме правеше несреќен, само понекогаш беше премногу.
Постоеше ли начин да ги оствариш амбициите, да се бориш за идината, а сепак да ја чувствуваш слободата?
Во доцните вечерни часови, кога сите спиеа, немаше одговор. Само чекав да го слушнам звукот од копчето кога ќе ја изгаснам ламбата и ќе легнам одново сам на празната постела, со надеж дека целиот тој труд еден ден ќе ме доведе до комплетната слика која сум ја градел со години и целиот страв заедно со стресот ќе исчезне, како капка дожд по прозорот...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело