Дали си сигурен дека сакаш да заминеш?
Стигнав до тука, стигнав некако и се чувствувам горд на она што го постигнав, но можам да кажам дека ништо не останува исто и сè се менува, некако животот како да има поинаква патека од онаа замислената, без разлика колку јас се противам на тој тек.
Го пуштив плинот, го повлеков копчето на мојата запалка обележана со некој партиски знак, не ни знаев чиј, најверојатно оние актуелните што одат по рекламите во овие периоди. Се вивна пламен, го поставив ѓезвето со вода и чекав истата да зоврие за да можам да го испијам утринското кафе.
Излегов на терасата, ги навадив цвеќињата кои наскоро ќе требаше да ги приберам внатре, бидејќи беше доцна есен. Како да ме разбраа, како и тие мрзливо да се разбудија и со сите нивни нијанси го обоија денот.
Лисјата од дрвјата паѓаа на мојата тераса и опцув неколкупати - пак ќе треба да метам. Сакав да ги газам додека чекорам по булеварот, но некако не ми беа симпатични така расфрлани насекаде на мојот балкон.
Го отворив лаптопот и во известувањата стоеше една непрочитана порака. Погледнав внатре и добив, чуден, краток текст кој го промени текот на тоа опуштено утро.
Испраќачот не е важен, или можеби беше, не знам, јас заборавив и кој ми пишал, не беше важно од каде и кога, ниту кои беа причините за неговите едноставни зборови кои ме погодија до болка.
Пишуваше: „Дали си сигурен дека сакаш да заминеш?”
Започнав да пишувам, без да трепнам, без да размислувам, како да истурив кошница од емоции во моите прсти, кои непрестајно се движеа низ нечистата тастатура. Во делот наменет за наслов, запишав, „Моите корени никогаш нема да ме стоплат”.
Чудно нели, како толку едноставни зборови можат да те изместат од оска и колку едноставна реченица може да предизвика солзи на очите. Кога одвнатре ти е тешко, а некој упорно те потсеќа на таа болка.
Луѓето околу мене не разбраа, но јас бев таков. Се сеќавам на една приказна која мајка ми секогаш ми ја раскажуваше за добра ноќ. Онаа за птицата во златен кафез. Се сеќавам како да беше денес, на секој збор за малечката птица која имала сè.
Секој ден имала храна и вода во изобилство, многу сено за да спие, топло удобно место, многу светлина, бидејќи кафезот стоел близу до прозорот. Но малата птица не била среќна. Малата птица живеела за опасноста, за сивото небо и грмотевиците, за поројниот дожд кој ќе ѝ натежне на крилата.
За јастребите кои немилосрдно би ја ловеле, за авантурата која златниот кафез едноставно не ја даваше. Малата птица иако имаше сè, сакаше нешто друго.
Дали тоа ја правеше себична и неблагодарна?
Многумина би се согласиле дека таа е таква, но јас едноставно ја разбирав, како да беше дел од мене. Тоа не можев да им го објаснам на другите, кои мислеа дека сум со фабричка маана.
Кога одлучив да си одам, во главата ми се вртеше секој збор од таа приказна. Секоја секунда, додека размислував, додека не можев да спијам, дури и се будев со помислата дека наскоро ќе го напуштам својот кафез.
Не затоа што тука нешто ми недостасуваше, туку затоа што едноставно јас бев како малата птица. Некои ќе речат пребирлив, некои ќе речат дека само барам оправдание за моето заминување. Но забораваат дека јас не се правдам никому и не морам да положам сметка никому. Едноставно, сакав тоа да го напишам во еден краток мејл, за да се објаснам, бидејќи некому сé уште не му беше јасно.
За да стивнат солзите, да запрат празните воздишки и конечно некој да сфати дека и заминувањето е дел од животот, без разлика колку болат разделбите. Го пишував секој збор додека ми трепереше душата, знаев дека тоа не се лесни зборови и знаев дека и мене надвор ме чекаат орли и јастреби спремни да ме распарчат. Знаев и свесно заминував во авантурата која сакав да биде запишана како мој живот.
На крајот додадов, „Ќе ми бидеш во мислите, повремено, додека ме нема. Животот е таков, којзнае дали некогаш ќе се сретнеме, оди и живеј го својот, заслужуваш среќа. Додека не се најдеме на исто небо, под силни ветришта... Сигурен сум, одам!”
Стиснав „испрати“ и чувствував како да затворам некој живот, како да сум изгледал добар филм и го имав тоа неблагодарно чувство, она кое настанува секогаш кога ќе завршиш добра книга. Кафето беше горко и лисјата сé уште паѓаа, единствено цвеќињата испраќаа некоја скриена светлина која ветуваше дека сè ќе биде во ред.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело