Кошмари, бури и деца од разведени семејства

Веќе по не знам кој пат го сонувам истиот кошмар. Влегувам низ задната вратичка во старата куќа во која живеев со моето семејство додека не наполнив 10 години. Понекогаш сум сама, некогаш сум со татко ми и мајка ми, а понекогаш сум со моето сегашно семејство.

kosmari buri i deca od razvedeni semejstva 1

Мојата куќа од детството е единственото место каде секогаш сум чувствувала најголем спокој. Можеби поради тоа што тоа беше единствениот период кога целото мое семејство живееше на едно место, а јас бев дете како и сите други, без возрасни проблеми.

Не знаев што е суд, не знаев што се адвокати, а уште помалку знаев како е да се живее без татко ми во моето секојдневие. Сè изгледа толку реално. Останувам да гледам телевизија, јадам некој оброк и наеднаш се појавува стравот.

Во сонот наеднаш ми текнува дека ќе се вратат новите сопственици на куќата, но никако не можам да стигнам до вратата и да избегам. Останувам да плачам на подот од старата куќа, а ги нема моите родители да дојдат и да ме спасат.

И ова утро како и многу претходни ме разбуди алармот во 6:00 часот наутро, а веќе по неколку секунди тагата висна врз капаците на моите сè уште неотворени очи. Веќе еден месец спијам во стан на кој никако не можам да се навикнам, моите лични работи се на подот и внимавам да не скршам нешто по пат до тоалетот за да не ја разбудам ќерка ми која сè уште е во длабок и мирен сон.

Пред да стане имам неколку обврски. Размислувам, додека ментално се подготвувам за уште еден тежок ден во кој се молам ќерка ми да не ми постави некое прашање кое нема да знам како да ѝ го одговорам.

Како дете од разведено семејство веќе го живеам мојот најголем кошмар, но сега сум возрасна жена и не е време за плачење - засега болката ќе остане да стои некаде скриена во моето грло, спремна да излезе кога ќе бидам сама.

Мојот поранешен сопруг и јас сме добри родители на нашата ќерка, но не сме добри брачни партнери. По нејзиниот втор роденден го добив повикот кој преку ноќ ми го смени животот.

Понекогаш самата се обвинував: „Што ти требаше да бараш докази дека те изневерува, лесен е и убав е животот кога не знаеш ништо и живееш во илузијата на совршено семејство”. Но, интуицијата не ми даваше мир, знаев дека сите тие негови изговори за пропуштени моменти имаат некоја скриена причина.

Никогаш нема да го заборавам гласот на девојката кога ми рече: „Но, не сум јас виновна. Тој ми рече дека не сте повеќе заедно”.

Неколку години останав да живеам со него од страв дека мојата ќерка е премногу мала да го преживее стресот кој јас самата го доживеав додека бев мала. Секоја ноќ кога сите ќе легнеа да спијат читав статии за тоа како да си го подобрам бракот, како да не чувствувам одбивност додека лежи до мене и мирно спие, како да се убедам дека сите тие моменти со неа не му значеле ништо и зошто, зошто баш мене ми се случува ова?

На моменти мислев дека самата сум виновна и стравот кој го имав длабоко во мене откако татко ми нè остави и замина да живее со друга жена ми го уништи бракот. Трудејќи се да го задржам со сета сила, само го оттргнав во рацете на друга жена.

Не, денес не е ден за болни сеќавања. Вечерва треба да ја оставам ќерка ми да спие во нашиот поранешен дом, во семејниот дом на мојот сопруг затоа што одлучив да делиме старателство. Ќерка ми никогаш нема да ја почувствува болката да расте без татко, болката ќе остане само за мене. Ќе ја чувам за вечерва кога ќе влезам во празниот стан, кога ќе го видам нејзиното празно креветче, глетка која е толку стравотна за мене што се чувствувам како прагот на станот да е сала за операција во која треба да влезам за да ми го извадат срцето.

Ќерка ми се плаши од бури. Еднаш заглавивме на отворено поле додека почне да врне и имаше силни молскавици. Оттогаш кога и да почнеше да врне, таа доаѓаше во нашиот кревет и сакаше да спие на средина помеѓу мама и тато.

На 6-тиот роденден баба ѝ и донесе едно големо мече за роденден за да ја чува кога спие. Тогаш и посетите во нашиот кревет некое време после полноќ прекинаа. Мојот сопруг мисли дека е време да порасне, дека мечето не значи ништо, а јас не можам да заспијам од страв што ќе се случи ако дојде моментот кога ќе почне да врне, а мама и мечето ги нема до нејзе.

Ова е само една од секојдневните грижи кои ги имаат мајките како мене. Велат дека поради тоа што детето живее 9 месеци во стомакот на мајката, тоа секогаш е поприврзано за мама и затоа трча веднаш за помош кај мама кога има и најситен проблем.

Не сакам да не можам да бидам таму кога ќе ѝ затребам, но верувам во љубовта која мојот сопруг ја чувствува кон неа, љубовта која никако не можев да го убедам да ја почувствува за мене.

Уште од моментот кога го видов нејзиното мало тело на ултразвукот, не ја испуштав сликата од раце со денови. Го чекав со нетрпение моментот кога ќе биде во мои раце, кога силно ќе ја гушнам и никогаш нема да ја испуштам.

Ја сакав повеќе отколку што некогаш сум се сакала самата себеси, иако сè уште беше само една мала точка на екранот. Едвај чекав да бидеме среќно семејство, семејство какво што јас никогаш не сум имала порано.

Имам премногу моменти кога се губам во мислите, време е да се освестам. Ме потсети трескањето од вратата пред нос кога ја оставив ќерка ми кај поранешниот сопруг.

Пешачев доста бавно и не сакав да стигне ужасниот момент кога ќе треба да влезам во станот. По пат влегов во малата црква во која одев секоја недела откако моите родители се разделија.

На влезот каде што се продаваа свеќи ја препознав мојата детска Библија. Иако никогаш не сум била верник, моментите во неделите кои ги поминував во тоа свето место ми беа најмирните моменти додека растев. Некако без размислување ја земав Библијата во раце и почнав да читам. Приказните од стариот завет секогаш ми будеа кошмари, но тогаш воопшто не го ни разбирав нивното значење.

Прелистувајќи, стигнав до приказната во која две мајки стојат со бебе пред мудриот крал Соломон. Бебето припаѓа само на едната жена, но и двете тврдат дека се неговата вистинска мајка.

На овој проблем кралот вели: Сечете го бебето на половина и така и двете ќе може да имате дел од него”.

Тогаш едната жена вели: „Кралу, ве молам не го убивајте син ми, дајте ѝ го нејзе, само ве молам не го убивајте”.

Така кралот одлучил дека таа е вистинската мајка на бебето.

Приказната ме научи како треба да продолжам со оваа ситуација. Ми треба ќерка ми во целост, иако метафорички ќе биде разделена на два дела. Нејзината среќа е најважна, дури и ако ме остави да живеам со половина срце.

Неа ѝ треба татко и тоа нема да ѝ го одземам. Играв улога на силна девојка цел живот и ќе продолжам да ја играм и понатаму. Таа ќе биде моето семејство, а мојот непресушен извор на безусловна љубов ќе ја чува и во моменти кога ќе биде толку блиску, а толку далеку од мене.

Вечерва ќе легнам во мојот празен кревет знаејќи дека сум ја донела правилната и несебична одлука за мојата ќерка. Одлука која го докажува степенот на мојата љубов.

А. В. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg