Писмо за секоја жена која си го мрази телото

Драга моја, не сум ниту позната актерка, ниту некоја славна личност. Јас сум обична 42-годишна жена.

pismo-za-sekoja-zhena-koja-si-go-mrazi-teloto-001.jpg

Откако знам за себе, се трудам да ослабам, да ја одржам тежината, да бидам послаба, да имам поцврсто тело, да бидам посекси. Се трудам повеќе од сите жени во моја близина.

Тажно, ама така е.

Сето ова почна кога имав 12 години. Најдобрата другарка ме замени со нова- со руса коса и сини очи, права манекенка што се пресели во нашата населба. Како деца, сите сме малку егоцентрични, мислиме дека кога нешто не е во ред ние сме виновни за тоа. Па, затоа и помислив дека јас сум крива што другарка ми ме откачи. Не бев толку слаба, немав толку убава коса и не бев толку убава како новото девојче.

Отсекогаш сум била атлетски градена. За разлика од моите браќа и сестри и моите врснички, изгледав полничко и мускулесто, уште откако бев дете. Го мразев тоа од дното на мојата душа. За жал, никој не се најде да ме седне и да ми објасни дека сите сме исти на различен начин и сите сме си уникатни на други убави начини.

Откако се случи ова, почнав да држам диета и да вежбам. Ама тоа не го правев заради здравјето и за да се чувствувам подобро, како што правам сега, туку за да станам жена каква што не ни требаше да станам.

Како поминуваа годините, телото ги преживуваше сите глупости што му ги правев: екстремни рестрикции на храна, диети со еднолични оброци, диети на база на течности, вегетаријански диети, диети со кои се ослабува за 21 ден... листата е долга. Во еден момент, веќе престанав да јадам, си реков, што е воопшто поентата?

Издржав цели две недели и една вечер ме фати страв.

Бев будна, си лежев и слушав како ми чука срцето. Биеше многу силно и во еден момент си помислив дека доживувам срцев удар. Целата во страв, истрчав до кујната и изедов неколку лажици со шеќер додека да си дојдам на себе. Имав 16 години. Самата си направив да се разболам и цела бев со модрици и крв од што се гребев по телото. До толку си се мразев себеси.

Вежбав скоро секој ден во животот. Играв кошарка, возев велосипед, трчав, кревав тегови, вежбав аеробик, пилатес, јога, сè. Вежбав додека мускулите не ми стануваа модри и се мачкав со гадни кремови против целулит. За да биде иронијата поголема, целиот овој период работев во фитнес индустријата и имаше моменти кога се чувствував како хипокрит. Знам дека не сум единствениот поранешен фитнес тренер што поминал низ ова.

Да, имав тело како божица долги години. Нозете ми беа тонирани, задникот ми беше како совршено топче, имав коцки на стоматот и мазни и цврсти раце.

Сите ми се воодушевуваа и ми завидуваа. Некои жени и ме мразеа, други сакаа да бидат како мене. Луѓе на улица ме застануваа да ми бараат совет, исто и пријателите: „Добро, како успеваш? Кажи некој совет. Можам и јас да ослабам?“

Ако потрошев половина од времето, мислите, енергијата и парите на градење на мојата самодоверба и водење на автентичен и среќен живот, немаше толку да страдам во сите аспекти од животот.

Кога сакаме да бидеме некој друг, кога не се сакаме себеси плаќаме огромна цена. Едно е да сакаш да се подобриш, ама да ги напуштиш сите твои карактеристики и суштината на она што си е сосема друга работа. Да се одречеш од себеси заради задоволување на некој идеал.

Верувам дека вторава работа е грев на човештвото, навреда на луѓето што со љубов нè донеле на овој свет. Исто како да си славејче, а да сакаш да бидеш тигар, само затоа што е во мода.

Викаш дека се мразиш себеси? Е, па ќе патиш додека не се откажеш од тие глупости и не научиш да го засакаш твоето чудесно тело. Ама како?

Како да научиме да се сакаме себеси со сите глупости што ги гледаме на интернет и што ни викаат дека ништо не е доволно добро?

Јас го тргнав тоа од животот и постојано се потсетував дека тоа се само обични отровни глупости. Лоша научна фантастика, ништо од тоа не е реално. Како да се справиме со сите овие параметри за убавината? Големи усни, голем задник, огромни гради – тоа е сега во тренд. Утре ќе биде нешто друго. Како да бидеме во чекор со сето ова?

Просто, нема да бидеме. Ќе останеме какви што сме, убави и здрави. Доследни на себеси.

Овие зборови ги пишувам со целото мое срце и ако ти помогнат тебе и на други прекрасни жени да станат свесни за својата моќ, супер.

Не биди како мене, не чекај да ти помине пола живот за да се засакаш себеси.

Искрено,

Твојата сестра

М. В. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Добрата жена тешко се наоѓа, а лесно се губи - Мора да знаете како да ја сакате Кога жената ќе почувствува дека не ја почитуваат како што заслужува, таа заминув...
Кратка емотивна приказна: За љубов не се потребни пари Мажот и жената, иако сиромашни, ја покажале љубовта во најтешките моменти и го п...
Најубавите пораки за 8 Март што можете да им ги испратите на жените во вашиот живот „Кога помислувам на силна жена, помислувам на тебе. Ти си мојот суперхерој кој с...
„Секогаш пофали ја храната што ти ја приготвува сопругата“: Совети од мајката до нејзиниот оженет си... Помини шест вечери со семејството, а една со пријателите - важно е за ментална р...
10 најубави Македонски народни приказни со кои растевме и ни будат носталгија (видео) Има ли некој кој не се сеќава на Ѓорѓи Колозов и неговата маестрална улога на кр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg