Од пуст срам што ќе речат другите останавте во лош брак и нè осакативте за цел живот
Не постојат лоши родители. Нема лоши мајки. Така ни велеа и нé учеа од малечки. Штом си излегол од утробата на некоја жена по автоматизам таа мора да е добра, нежна, грижлива.
Но, вистината е дека не сите родители се добри и не секоја жена е скроена за мајка. И колку побрзо ја прифатиме и го проголтаме големото апче вистина, толку полесно ќе почнеме да дишеме и да живееме.
Кавгите и несогласувањата во мојот дом ги паметам откако знам за себе. Дискусии на најгласно кои преминуваа во караници, иако ни кажуваа дека само разговараат. Се движевме во грч и одевме на прсти само да не го предизвикаме револтот на родителите и да не ја удрат на кавга.
Тогаш си мислевме дека сé додека сме мирни и добри и послушни, мама и тато ќе се сакаат. На некој начин мислевме дека ние сме виновни за нивната неслога. Па како и сите виновници, така и ние решивме да се поправиме во однесувањето. Но, ништо не беше доволно добро за нив.
Или молчеа со денови или се расправаа со недели. Не знаевме што е полошо.
Се сеќавам еднаш одамна, викаа толку многу силно што на крајот почнаа да кршат работи во кујната. Сестра ми ме привлече кон себе и ми ги стави рачињата врз ушите и згора на тоа почна да пее некоја актуелна детска песничка, но попусто.
Ниту рачињата на моите уши ниту нејзиното пеење не можеа да го надвикаат викањето.
Тоа константно викање, урлање и дерење кое ни се врежа под кожата. Тие погрдни навредливи зборови поради кои почнавме да мразиме и други луѓе од фамилијата – види си ја мајка ти и гледај си го ти татко ти.
Кога потпораснавме и почнавме повеќе да се дружиме со другарчињата, сите носеа некого дома на гости. Само ние никогаш не поканивме никого.
Срам ни беше да не почнат со нивното. Срам ни беше што ќе кажат другарчињата на тој домашен циркуз? Одеднаш се претворивме во нашите родители.
Срам ни беше од тоа што ќе кажат другите. Затоа што тие така си го проживеаа целиот живот. Живот во срам.
Срамота е да се разведеме, што ќе речат другите? Поради вас не се разведуваме. Децата се најбитни во бракот, ќе си трпиш за нив.
Не можам да опишам со каква горчина го изговараше ова мајка ни. Како отров да ѝ се лееше од устата. А нас тагата уште толку ни стежна на рамениците.
Вината уште повеќе почна да нé задушува. Живеевме со неопишана грижа на совест – заради нас, двајцата се несреќни. Ако нé снема, ќе бидат ли среќни? Ако не сме се роделе, дали ќе се сакале?
Ја гледам сестра ми и нејзиното малечко како се гушкаат. Мирно ги набљудувам како се капат во чиста искрена среќа. Им светат очите додека си се насмевнуваат една на друга и махинално се насмевнувам и јас.
Таа успеа целата своја психичка осакатеност да ја манифестира во вистинска среќа. Таа пронајде љубов, никому не извинувајќи се за своето турбулентно детство и минато.
Таа одлучно реши да пронајде сé што немавме дома под покривот – доверба, слога и љубов. Но, пред сé останато, таа цврсто реши дека не мора да се остварува како родител по секоја цена ако биде онаква мајка каква што беше мајка ни.
Посакувам и јас да ја имам нејзината сила и нејзината одлучност во потрагата по љубов. Посакувам да ги избришам сите грди моменти на кои бевме сведоци, сите лузни кои нé печат поради нељубовта на нашите дома.
Еве ги, сé уште се заедно. Кавгите им се поретки, немаат веќе толку многу енергија и сила за нив. Сега поминуваат месеци во незборување и ситни зајадливи, цинични прекорувања на сметка на другиот.
Ако беше до нас, до децата, зошто не се оставија конечно откако си заминавме од дома? Зошто не се ослободија? И зошто нас нé држеа како некои затвореници и робови на нивните фрустрации?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело