Со наставници како денешните, никогаш не би го пуштила своето дете во училиште
Се зачудив кога една пријателка ми кажа дека е загрижена за изборот на одделенски наставник на нејзината ќеркичка и дека се обидувале да фатат врски за да се падне во класот на извесна учителка Кате. Признавам дека ми звучеше малку налудничаво и претенциозно, од типот на мали каприци што сакаат да ги прават денешните родители.
Учителка како учителка, што има врска, си велев. Ама не е баш така. Откако добро ќе размислам, потполно ја разбирам пријателката и ги оправдувам сите коишто се „тепаат“ за да дојдат до добрите наставници и професори. Бидејќи во спротивно, детето ќе ви остане неписмено.
Да појаснам, не е дека во нашето време сите наставници и професори беа супер. И тогаш имаше мрзеливи, хистерични, неинспиративни просветни работници. Не ги оправдувам, но барем имаа малку авторитет. Денешниве го немаат ниту тоа.
Што учевте денеска? – го прашува мајката детето. Ааа, па денеска малку боевме, па игравме, па после учителките го гледаа „Вљубениот ерген“.
А вие? - Па и ние го гледавме.
Само затоа што сте мрзеливи и немате идеја што да правите со децата, не значи дека треба да им пуштате турски серии и хитчиња на Северина. Ама ве разбирам, толку ви сече паметот со таа купена и незаслужена диплома.
За да бидеш просветен работник треба да имаш желба и талент за да едуцираш други, а не книшка преполна слаби оценки, па Педагошкиот факултет да ти биде последно прибежиште.
Не знаев што со себе, ах знам, имам одлична идеја, зошто да не бидам учителка?
Затоа што си неписмена и не можеш да образуваш други дечиња. Што не е јасно?
Наместо да поттикнувате дискусија, вие пуштате турски сапуници. Наместо да им читате на децата, вие си раскажувате трачеви. Наместо стихотворби, се слушаат Цеци и Северини.
Наместо да сте авторитет пред децата, вие трепкате пред заканите на моќните родители кои ви се закануваат со отказ. Бирате омилени деца и ги истакнувате врз основа на презимето или подароците кои ги собирате за 8-ми март.
Дечињата се досадуваат, зеваат или урлаат за време на вашите часови. Бидејќи немате основна идеја како да ги заинтересирате. Поважни ви се нотификациите на Фејсбук од иднината на учениците.
Родителите скапо ги плаќаат вашите грешки и неспособност, со плаќање курсеви, приватни часови и непроспани ноќи за да ја надоместат штетата поради вашата некомпетентност.
Образовниот систем е пред колапс поради многубројни причини, а вие сте прилично голем дел кој го оштетува.
Добрите просветни работници станаа како игли во стог сено. Ти треба светилката на Диоген за да ги пронајдеш. Оние кои имаат став и свое јас, кои не го штедат гласот за да пренесат знаење. Професори кои несебично се вложуваат, кои не трепкаат ниту пред директори, ниту пред родители кога знаат дека се во право.
Оние кои не ги интересираат подароци, оние кога велат „моите деца“ го мислат тоа за секое дете, од првото до последното во клупите.
За таквите професори вреди да се „тепаме“. За оние останатите, лично јас никогаш не би сакала да го „едуцираат“ моето дете.
(О)Милена | Црнобело