Пез, албум Покемон, брза географија: Најубавите спомени од детството
Додека расчистував низ собата, наидов на една црна кутија од чевли на која пишуваше: „Ова е приватна сопственост, не допирај!”.
Си помислив сигурно брат ми сакал нешто да сокрие, но душата не ми даваше да не погледнам, ја отворив кутијата и на мое изненадување тоа не беше кутијата на брат ми, туку тоа беше мојата кутија од детството.
Внатре беа зачувани сите предмети кои ми биле значајни, а она што се најде внатре верувам беше скапоценост за секое дете на кое во својата дата на раѓање има илјада деветстотини деведесет и некоја.
1. Магичнaта хартија за предвидување на иднината
Ливче на кое се одредуваше судбината со помош на броење. Кажувавме имиња, марки на автомобили, куќи, градови. Оној кој го знаеше како да ја спроведе магијата вешто со помош на бројките ќе ја откриеше иднината, која иако беше невозможно да биде вистина, сепак беше единствената вистина која ни беше потребна.
2. Албумот со „Покемони“
Сигурно и вие сте тргале на страна по десет денари од џепарлакот за да соберете пари и да ги купите омилените сликички за еден од најпознатите албуми на нашето детство.
Албум со кој школските одмори претставуваа можност да се изврши замена на дуплите сликички, се сеќавам дека за оние сликички кои тешко се паѓаа дававме дури и по десет дупли сликички, само за да го добиеме она што ни недостасува за албумот да не биде празен.
Тие што поседуваа сликички кои тешко се паѓаат беа немилосрдни.
3. Сложувалката со „Драгонбол“
Мене сè уште ми е неостварена желба да ми се падне обележаниот дел за да добијам детска соба и покрај тоа што сум ја собрал цела, со нетпрение сум купувал смоки за да ми се падне бележаниот дел, но тој никако да се падне.
Сепак, консумацијата на невкусните смоки се исплатеше, бидејќи самата сложувалка е едно маестрално дело од моето детство.
4. Пакетчето за пез бомбони со омилениот цртан јунак
До ден денес се сеќавам дека сум плачел, кога во блиската продавница немаше да го пронајдам пакетчето со омилениот цртан јунак и љубоморев на другарите кои го имаа она пакетче за кое јас сонував.
5. Листот со најголемата победа од „Брза географија“
Се сеќавате кога ќе заглавевме обидувајќи се да пронајдеме име на некоја река, па потоа не ни текнуваше село или држава, па ќе се скаравме дека буквата е многу тешка, па дека името кое го смислил противникот не соодветсвува на категоријата. Одморите добиваа поинаква смисла, а кога дојдовме средно, понекогаш и досадните часови стануваа интересни со оваа безвременска игра.
6. Опаковката од омилениот сладолед со „Спиди Гонзалес“
„Андале, андале, ариба, ариба“ кој ако не неповторливиот Спиди Гонзалес кој нестрпливо го чекавме на малите екрани, а се сеќавам дека со другарите се тепавме кој прв ќе стигне до фрижидерите за да не остане без сладолед во форма на својот омилен јунак.
7. „Беј блејд“ вртимушки
Како денес паметам дека еден од таткото на моите другари имаше работилница каде додававме железа, дрва, ги правевме нашите вртимушки посилни се со цел да победиме на турнирите. Во тоа време турнири се одржуваа насекаде, во школските ходници, по улиците во дворовите, на вистински или замислени рингови, само се слушаше 3, 2, 1 и две вртимушки ќе се судреа една со друга.
8. Скинати страници од „Наш Свет“
Моментот кога ќе го имаше омилен фудбалер или актер на средината на ова култно списание за деца и тинејџери. Колку тестови за тоа дали сме заљубени и дали тој/таа не сака сме направиле таму. Не се сеќавам точно дали излегуваше неделно или месечно, но сепак беше рамно на култните странски списанија, барем кога за тоа би ги запрашале младите.
9. Мастики-цигари
Додека денес се расправаат дали смее да се пуши внатре или надвор, ние пушевме насекаде преправајќи се дека сме лоши момци/девојки со овие измислени цигари. Се сеќавам дека честопати знаеше да им застане срцето на баба и дедо кога ќе ме видеа со нив во рацете, бидејќи знаеа да помислат дека всушност тоа се вистински цигари.
10. „Јуџио“ карти
Колку пати сме се скарале со најдобриот пријател убедувајќи се кој останал со повеќе животни поени. Па не сме разговарале, па ќе се смиревме и после одново ќе ја започневме играта, па пак ќе се скаравме и така до бескрај. Се обидувавме да ги собереме најмоќните суштества за да создадеме еден непобедлив шпил.
11. Прстените кои лебдат во вода
Мислам дека неколку пати го пропаднав копчето од нервоза во обид да ги ставам сите прстени на означените места. Иако навидум едноставна игра, сепак таа беше она што ни е потребно за да го исполниме слободното време.
После неколку часовно зјапање во сите предмети од кутијата, ја затворив и ми се чинеше како да затворам еден живот, едно време, едно чувство од кое ми лазаа морници по телото.
Предизвика насмевка на моето лице, само се потпрев на кутијата и си помислив „Уф колку бил убав животот кога човек е безгрижен.“
Н. Буџак | Црнобело