Кој сака да брои ѕвезди на Водно кога може да ужива во хотел со 5 ѕвезди?
Ми рекоа – не сте еден за друг, нема ова да трае долго. Тврдоглав како некое магаре одбивав да поверувам. Целиот свет беше мој, а јас бев млад, залетан, вљубен и изгубен.
Се заљубив како најголемата будала. Ти беше сé што не сум видел и сé што сакав да бидам во животот. Или барем така мислев на почетокот.
Смешно е, сега кога си го враќам филмот, ти качена на задното седиште од мојот канта велосипед. Наследство од дедо ми, самиот го стегнав и репарирав, летаме низ паркот додека косата ти се вее на ветрот.
Кажи дека не е подобар и од Мерцедес, се смеам додека ти срамежливо трепкаш и не одговараш ништо. Секако дека не е подобар. Требаше да ми стане јасно, неодобрувачката тишина беше најискрен одговор. Но, јас не сфатив или не сакав да сфатам.
Некое време се самозалажував. Упорно ги одбивав сигналите дека потекнуваме од два различни света и не можеме да се најдеме на средината. Наскоро, сите мали ситници коишто ги правев стануваа токму тоа – мали неважни ситници. Премалку, недоволни за тебе.
Не можев да те однесам на скап одмор. Не знам да скијам, не сум се качил во животот на скии. Не паметам дали сум видел снег на друго место, освен во мојот двор и мојот град. Немав пари да те однесам на скапи вечери во луксузни ресторани.
Да бидам искрен, немав ни што да облечам за на такви места. Неколку пати се обиде да ме викнеш на таков тип забави и сфатив дека не припаѓам таму. Сите ме гледаа некако чудно, под око, како натрапник што илегално влегол во туѓ забранет свет.
Сите работи што имав да ти ги понудам – луда несопирлива љубов, верност, ѕвездите на Водно, мојот канта велосипед, го паднаа тестот пред другите нешта кои излегоа дека ти се побитни на крајот.
Мислењето на твоето друштво за клошар како мене. Ставот на твоите родители дека ништо добро нема да излезе од нас. Стравот дека ќе те назадувам и ќе завршиш несреќна.
Кој сака да брои ѕвезди на Водно кога може да ужива во хотел со 5 ѕвездички?
Кој сака да пие евтино, наместо скапо вино? Кој ќе одбере копија, наместо оригинален парфем?
Ти се одлучи за вратата бр. 2, а јас не стојам позади неа. Всушност, јас одамна сум заминат.
Не сакам никој да ме сожалува. Не сакав да живеам со мислата дека не можам да ти дадам сé што посакуваш во животот. Но, најмногу од сé друго, не можев да живеам со сознанието дека тоа ти е побитно од љубовта.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело