Цвеќе или чистење на рерната? Што е романтика за вас?
Добро познати ни се сите романтични гестови и подароци кои може да ни ги даде еден маж. Цвеќе. Добар парфем. Накит, кутија чоколади, романтична вечера.
Нема ништо лошо во нив, напротив, ги посакуваме не само на 8-ми март или на нашиот роденден, туку во сосема обичен ден од годината. Која жена не сака подароци и романтични гестови, да не се лажеме сега. Се чувствуваш убаво, ти ласка кога некој се потрудил да ти угоди и да ти развлече насмевка на лицето.
Но, што ти вредат сите подароци доколку дома не добиваш никаква помош? За каде ти е скапиот парфем ако се давиш во домашни обврски, ручеци и тон неиспрани и неиспеглани алишта? Тој нов гердан одлично ти одговара додека се мачиш да го фрлиш ѓубрето сама, зарем не?
Подароците не може да го купат отсуството од дома или да надоместат за непомагањето на мажот во домашните обврски. Не помагање, точниот збор би бил поделбата на обврските. Бидејќи сме рамноправни, двајцата одиме на работа, двајцата заработуваме, па нема потреба да се лажеме дека јас како жена сум осудена дополнително да пеглам или да готвам постојано, затоа што нели „тоа е моја, женска работа“.
Во време како денешното кога секој рецепт е толку детално објаснет чекор по чекор, греота и срамота е да не се научат да се зготват барем 5 едноставни јадења, за да ја замените сопругата кога едноставно ќе е преуморна да зготви ручек.
Всушност, не е фер работите да се поделени на „машки и женски“, нека се поделени на „кој во што е подобар или физички посилен“.
Секако дека јас како жена немам доволно физичка сила да поместам плакар и немам потреба да се правдам, ниту да лажам – маж ми го прави тоа, затоа што е посилен. И веројатно многу поспретен, со мојата заложба плакарот нема да се помести ниту 3 cm или пак ќе се распарчи на делови како пред првичното склопување.
Нормално дека од маж ми не очекувам да ги прави работите кои не му одат од рака, онаму каде што сум јас подобра или повешта, и обратно.
Но генерално, ако доволно се потрудиме, двајцата себеси се изненадуваме дека можеме повеќе и сме подобри во извршување различни домашни задачки.
Пред некоја недела успеав да закачам две нови слики на ѕидот. Со чекан и шајки, и детално премерување на просторот со молив и линијар. Значи се можело, не е дека си безнадежен случај со чекан, само затоа што си жена.
Маж ми подобро ја исчисти рерната од мене. И верувајте, на крајот на еден бесконечно долг ден поминат во чистење и средување, неговата помош околу домашните обврски беше драгоцена и повеќе од добредојдена.
И ми значеше повеќе од букети цвеќе или чоколадна бонбониера. Неговата помош лично за мене беше чист гест на романтика, да завршиме побрзо со средување и да не се изморам до точка на нефункционирање.
Можеби звучи по малку тажно, да ги менуваш розите и новите обетки за чиста рерна.
Не е дека подароците се непожелни. Едноставно, не се доволно вредни ако се начин некој да се изолира целосно од домот и обврските коишто тој ги носи со себе.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело