Секогаш сонувајте малку повеќе, посегнете по ѕвездите и ќе ја дофатите месечината
Погодете што правев во март 2016-та година. Тонев во депресија. Во вистинска депресија, не онаа извештачена верзија која ја гледате во филмовите. Одвај се натерував да станам од креветот. Секое станување ми означуваше почеток на уште еден мизерен безнадежен ден.
Секој од нас, без разлика во која етапа од животот е, доаѓа до овој момент. Моментот во кој се преиспитувате себеси, својот живот, своето значење и вредност.
Моментот во кој си ги поставувате сите важни прашања – ова ли животот кој го посакував, за кој се борев, кој сонував да го живеам.
А мојот беше во целосна спротивност на детските соништа. Оние најискрените, во кои замислувате дека владеете со светот, а не можете да ги совладате ни сметките кои стигнуваат во поштенското сандаче.
Не ме прашувајте во кој момент решив да пратам CV и мотивационо писмо до сајтот кој ја доби наградата „Сајт на годината 2016“. Мора да било во моментот кога сте на дното, во целосен очај и безнадежност, кога веќе немате што да изгубите.
Па така ги скрпив текстовите и добив шанса да пишувам. И кога ме прашаа што ме поттикна на самоволното пријавување бидејќи немаше активен оглас, кажав едноставно и искрено дека морам да пишувам! Дека не знам што да правам друго, освен да пишувам!
И погодете – кога сте искрени, луѓето ви даваат шанса. Не знам дали се смилуваа на мојата искреност, мојата безнадежност или новооткриен ентузијазам.
Само знам дека започнав да пишувам по малку, полека, повторно откривајќи ја најголемата пасија и љубов во мојот живот.
И еве го моментот кој не потекнува од ниту една самопомагачка книга со измислени или излитени совети – кога ќе си дадете себеси шанса, тогаш ќе ви ја дадат и другите. Кога си верувате доволно себеси, ќе ви веруваат и другите.
Кога ќе работите вредно и посветено, ќе жртвувате слободно време и сон, ќе живеете и дишете со својата мисија, успехот нема да изостане.
Ништо во животот не доаѓа подарено, треба да го заработите. Ниту една доверба не доаѓа безрезервно, треба да ја заслужите.
И никој нека не ви кажува поинаку. Да, светот е суров, владеат врски, книшки, дечиња на познати фаци кои одат преку ред и обично се китат со туѓи заслуги и туѓи пердуви.
Но, доаѓа и овој вистински момент, кога реалните луѓе кои започнале од дното го препознаваат туѓиот талент и ентузијазам и ви даваат шанса. И тогаш, сè зависи од вас и сопствениот труд. Вие сте повторно креатор на вашиот универзум. Вие сте одговорни за своите победи и порази, а тоа чувство на контрола е бесценето.
Па драги млади луѓе, ви се обраќам вам, оние доволно храбрите чија матична држава е сè уште ова мало парче земја за кое грчевито се држиме.
Сигурно мислите дека сите битки се однапред изгубени, дека тука дошла да почине сета надеж на светов. Сигурно сте во блага депресија, мислејќи дека ништо не успева без врски, препознатливо презиме позади вашето име, или многу пари.
Јас немав ништо од наведените три. И добив шанса, но само затоа што ја побарав самата.
И ја искористив најдобро што можев, работев посветено најмногу што можев, а тоа се исплати на крајот.
Па не дозволувајте да ве совлада стравот и безнадежноста. Не покорувајте се му на сèопштото сивило и депресијата. Не плашете се да му покажете на светот кои сте и што умеете да направите.
Животот е толку краток, поминува додека да трепнеш, а мене еднаш одамна ми кажаа – Не трепкај!
Па не трепкам. Се обидувам да ја зграпчам секоја нова можност или да создадам своја доколку ја нема на повидок. И ве советувам да го направите истото.
Не знаете каде ќе ве одвете животот, само доколку се охрабрите, решите да ризикувате и вложите доволно труд.
Нека во новата година ве водат решителност, убави мисли и желбите за напредок и успех. Моите ме однесоа многу подалеку од онаа мартовска депресија.
И искрено се надевам дека и вие ќе го пронајдете она подзаборавено нешто кое ве правело среќни и повторно ќе пронајдете смисла во оваа куса епизода без реприза наречена ЖИВОТ.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело