Вистинско време за малку поинакви новогодишни одлуки во 2017-та година
На прагот на новата година, додека правиме рекапитулација на изминатите 365 дена, си ги воочуваме грешките со надеж дека нема да ги повториме истите.
Во главата создаваме список на одлуки до кои цврсто ќе се држиме и ќе целиме кон нивно исполнување. За тоа всушност служат новите почетоци, празните листови кои чекаат да бидат испишани. Што најмногу посакуваат луѓето?
Да ослабам,
Да патувам,
Да заработам повеќе пари,
Да заштедам,
Да се вљубам...
И нема апсолутно ништо погрешно во ваквиот тип на желби, бидејќи сè што сакаме е да бидеме поздрави, посреќни, позгодни и поуспешни, секој според својата дефиниција.
Но, во новата година, обидете се малку да ги редефинирате желбите. Пристапете им од поинаков агол, обликувајте ги малку поинаку, дадете им тродимензионалност и повеќе широчина. Можеби ќе се изненадите од некои, но доколку ви се допаднат и ги остварите, пријатно ќе се изненадите од сопствената трансформација и зрелост.
Па наместо да посакуваме само пари и патувања, еве неколку поинакви новогодишни одлуки:
Нема да бидам пасивен. Ќе го кренам мојот глас во одбрана секогаш кога ќе слушнам сексистички, расистички и ксенофобични коментари, сите оние кои поттикнуваат омраза и насилство.
Ќе се обидам да бидам подобра и потрпелива кон најдрагите лица кои најмалку го заслужуваат мојот гнев и стрес. Тие се последните на кои треба да им се истурам, бесот ќе го насочам кон некој конструктивен процес.
Ќе научам да кажувам НЕ тогаш кога е потребно. Не секој го заслужува моето време и внимание.
Ќе се вклучам во некоја добротворна организација или иницијатива и нема да заборавам да донирам онаму каде што е најпотребно.
Ќе се фокусирам да бидам повеќе заинтересирана, отколку интересна. Би сакала подобро да научам некој јазик и работи кои досега сум ги игнорирала, бидејќи тешко ми оделе од рака, па сум се откажувала.
Се согласувате ли? Дали имате да додадете уште некоја желба или новогодишна одлука која ќе ја транформира годината која ја очекуваме во најдобрата досега?
(О)Милена | Црнобело