Животот е сурова игра - Скапо плаќате за секој скапоцен момент кој мислите дека е рутина
Ние луѓето сме чудни, почудни дури и од промените на времето, кои многу метеролози не можат да ги објаснат. Се обидував да ги наредам дрвата во каминот, за да можам да го запалам огнот, на начинот на кој што ги редев чувствата во моето тело за да можам да го составам животот. Еден кибрит, се вивна пламен и ми ја стопли душата.
Наточив една чаша бело вино, исечкав домашно овчо сирење и го ставив на дрвена даска, седнав покрај каминот и уживав. Бев сам, не се случуваше тоа често, но бев сам изолиран од сите случувања настрана, сам со гласовите во мојата глава.
Знаете тешко е да бидеш далеку од дома на денови кои обично сте ги поминувале со блиските, опкружени со многу смеа, со гласовите на малите деца кои трчале околу масата и заканувачкото ржење на нивните родители за да се смират. Со целиот тој мирис на домашни кифли и колачи кои ја создаваат зимската бајка. Денес ми беше именден, а јас бев сам, далеку од сите.
Велат дека во животот учиш да ги цениш работите тогаш кога ќе го почувствуваш нивното отсуство. Така беше и денес, додека пиев од виното и дегустирав од белото сирење се потсетив на сите тие гласови кои денес не беа во можност да ме слушнат заради скапата тарифа кон странство.
Научив колку значи да се јави некој и да праша „Само сакав да те слушнам, да знам како си, што правиш денеска?“ нешто што се случуваше често додека бев дома, нешто што беше секојдневие претходно, нешто што го земав здраво за готово и го завршував со кратки реченици, изморен од секојдневните здодевни разговори.
Зошто мораше да се одвиваат работите по тој начин?
Зошто секогаш животот сакаше да задава ниски удари и да нè казнува за работите кои не сме знаеле да ги цениме? Зарем мораше да игра толку валкано за ние да ја научиме лекцијата? Нели постоеше друг начин?
Годините минуваа, луѓето кои ја креваа слушалката да ме слушнат си одеа со времето, некои повремено, некои засекогаш. На најтежок можен начин учев дека требало да уживам во секој момент додека бил присутен, со луѓето кои биле околу мене, со оние кои споделиле дел од себе со мене.
Столчињата на масата не секогаш беа исти како некогаш, понекогаш беа и празни, бидејќи луѓето кои требаше да седат тука или не беа во можност да стигнат или едноставно не беа меѓу нас.
Во тие моменти ја проколнував таа сурова игра на животот кој наплаќаше за сè она што не го ценев порано, за секој еден скапоцен момент кој сметав дека е само обична секојдневна рутина.
Ме боцкаше во срцето и ми велеше дека работите после денес никогаш нема да бидат исти, колку и да се обидував да го променам тоа, тие немаше да се повторат....
Никогаш повеќе....
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело