Кога дозволи да нè разделат книжни банкноти, знам дека не си човек за цел живот
Во времето кога јас бев малечка, немаше никаков срам да се носи нешто од постарите братчиња и сестрички. Напротив, тоа доаѓаше некако природно, сè во знакот на доброто ракување со парите. Едноставно, домаќински живот.
Се штедеше за црни денови, се јадеше поскромно, се купуваше помалку. Не паметам дека бевме многу опседнати со материјални луксузи. Можеби немавме доволно пари, можеби немаше толку многу работи за купување, можеби и двете.
Сеедно, животот си течеше некако помирно, без кредитни картички. Добро, за волја на вистината, нашите имаа чекови, но и тие се трошеа со повеќе усул.
Лично не забележував некоја толку огромна разлика помеѓу мене и моите другарчиња. Сите имавме горе-долу слични алиштенца и играчки и прибори и ранци. И да имал некој повеќе, не се истакнувал којзнае колку. Веројатно така го воспитувале од дома, да не им биде незгодно на другите дечиња.
Моето детство не беше арена на натпреварување на куповната моќ и дебелината на парчичникот, си беше можеби едноставно и простичко, но среќно и мирно.
Но, нештата почнаа да се менуваат. Некои луѓе почнаа безмилосно да се богатат преку ноќ. Зошто и како, бевме премали да сфатиме и да размислуваме на тие теми. Ние забележавме во оној момент кога нашите довчерашни другарчиња почнаа да се менуваат.
Веќе немаше воздржување за тоа кој колку има, сега беше важно тоа да се покаже пред целиот свет за да сфатиме со кого си имаме работа. Една наша најдобра другарка падна во таа замка. Се однесуваше како збудалена, не знаеше на што попрво да потроши пари.
Ние апсолутно немавме проблем со тоа, не ни беше особено гајле. Но, таа уживаше да го истакнува пред сите и во секоја пригода. Ќе го пофалевме нејзиниот нов часовник, а веднаш следуваше објаснување од каде е и колку скапо чини, иако никој не го прашал тоа.
Се обидувам да го сфатам однесувањето. Јасно е дека кога си живеел скромно, а подоцна имаш можност да купиш сè за што си сонувал, дека ја користиш таа пригода. Човековото око е ненаситно, сака многу, сака сè и сака веднаш.
Не знаевме како да се однесуваме повеќе со довчерашната најдобра другарка. Мислам дека и на неа почнуваше да ѝ станува непријатно во нашето друштво. Нашите интереси се променија, нашите ставови во врска со парите и трошењето, исто така драстично се разликуваа.
Ние се плашевме да споменеме што било, бидејќи генерално луѓето во вакви ситуации те сфаќаат погрешно, мислат дека си љубоморен. Никој не беше љубоморен. Само другарството стана некако проѕирно, водлесто и тажно.
Некој се смееше како му фалеле 100 ден. за пијачка, некој раскажуваше за луксузни одмори со скапи коктели и крстарења. Излишно беше да се продолжува со таа голгота, беше подеднакво мачење за сите.
Немам срце да кажам дека нашата другарка стана лош човек. Ќе кажам само дека се промени, стана различен човек. Ние можеби ѝ изгледавме некако премногу едноставни, простички и туѓи, како онаа позајмена облека во детството. Го носиш, ама те боцка тој волнениот џемпер на кој не си навикнат. Па решаваш да го скриеш длабоко под креветот или едноставно да го фрлиш.
Но, кога дозволивме да нè разделат некои книжни банкноти, не сме ни биле другарки. Сите тие убави спомени ми се некако далечни и брзо бледнеат. Мене ми требаат луѓе за цел живот, без разлика кој колку има или нема во моментот. Денес си на врвот, утре на дното и обратно.
Тоа не го дефинира другарството. Другарството е многу повеќе од желбата да се истакнеш колку можеш да потрошиш и саможивно да патуваш, купуваш и уживаш сам без ниту еден другар до тебе.
Парите се заработуваат, трошат и исчезнуваат, а за вистинските пријатели важи само првото правило.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело