Драги мажи, оставете нè на раат да си китиме

Ова е тоа време од годината, кога без оглед на возраста се чувствуваш како да имаш 7 годинки и се радуваш на сите светилки и украси низ градот со нескриен восхит. Повторно сакаш да си дете, го сакаш тоа пакетче полно чоколади. Кој рече дека новогодишните пакетчиња се ограничени за деца до одредена возраст? И јас сум дете на мама и тато и бев добра годинава, заслужувам пакетче.

Dragi-mazi-ostanete-ne-raat-da-si-kitime-01.jpg

Одбројуваш денови, си пресметуваш во календарот. Кога ќе китиме?, одвај се воздржуваш да не вреснеш од среќа. Пааа, што знам... мажот. И дискусијата завршува.

Видете, јас не сум го анализирала ова досега, но мажите генерално имаат ненормална аверзија кон новогодишно украсување. Вие купувате некои црвени срциња, тие вртат очи. Вие сакате салфетки што ќе одговараат со новогодишниот чаршаф, тие се смеат. Имате 5 различни свеќници, кутии и кутии лампиони, украсни ленти кои може да стигнат од тука до Тетово и гладно купувате уште, а тие едноставно не разбираат. Не ја разбираат таа потреба од украсување и ве тераат да се чувствувате расипнички и тажно.

Да е до тебе нема ни да китиме по дома, нели?, прашувам, иако одговорот веќе го насетувам.

Па да. Нема баш поента. Се растураат светки насекаде. Ги замара очите и кој ќе го собира после?

Можеби донекаде е така. Но, овојпат не потклекнуваме на здраворазумната машка логика. Си го бараме правото да украсуваме додека не ни се замати погледот од сите лампиони, шарени ленти, светилки и изнаредени чорапи. Го сакаме тоа блажено чувство на топлина и среќа.

Останаа толку малку нешта кои ни предизвикуваат насмевка, а ова новогодишно украсување е едно од тие. Евтино шарено задоволство, кое нема цена. Кое ни носи спокој, надеж и пријатност. Периодот на подарување и споделување, на љубов и простување.

За вас украсите се можеби излишни и ги гледате само низ призмата на чистење хаос, за мене се најубавиот спомен од детството. Моментот кога сите ја китиме елката и го ставаме врвот, како јаготка на тортата. Овој лампион е стар колку и ти, ме потсетува мајка ми, иако веќе го знам тоа. Имавме и едно многу убаво ѕвонче, ама ти го изеде како помала. Едноставно го збутка во устата и го изџвака. Се смееме. Споделуваме спомени и создаваме нови.

Тоа е бесценето, не можеш да му ставиш етикета или да речеш дека нема поента или тешко се чисти. Не ми е гајле колку тешко се чисти. Не ме интересира и ако целиот под и секој слободен сантиметар во домот е прекриен со светки.

Во тој миг сакам да сум повторно дете. Сакам да ја почувствувам таа безгрижност, тој спокој и домашен мир. Сакам да се радувам со полно срце, да го почувствувам сјајот и задоволството од едноставните нешта. Нештата како пакетчето полно чоколади, светилките кои трепкаат цела ноќ, новогодишните филмови, полната трпеза со превкусна храна.

Па мажи, оставете нè да се радуваме и да си китиме. Не вртете очи, не бидете непријатни. Не очекуваме некој особен ентузијазам за фактот дека сме пронашле темносини лампиони, доволно е само да имате малку разбирање.

Доволно е само да ја симнете елката и да ја составите, понатаму е наше. 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg