Во ред е човек да се исплаче...

Стисни ги забите, биди силен, без разлика колку ќе те погоди животот туркај, вложи го цело тело, цел напор, цело твое битие. Издржи на притисокот, не потклекнувај, не се предавај, трчај кон целта иако си изнемоштен, иако немаш сила, иако психата ти пука, туркај ги своите граници и бори се. Така ме учеа, така ми велеа додека раснев, се сеќавам од збор до збор на сите реченици на мајка ми и татко ми.

vo-red-e-covek-da-se-isplace-01

Тогаш сè некако ми беше во магла, нејасно, непознато, далечно и несфатливо, но како што се менуваше моето машко тело и навлегуваше во светот на возрасните работите добиваа смисла.

Oна што не ми го кажаа е дека човек без разлика колку ќе успее да издржи, без разлика колку пати ќе се надмине себеси, понекогаш може да се скрши. Не ме научија дека мажите, исто како и сите нормални луѓе плачат, затоа секогаш кога ќе дојдев на таков период во животот јас не знаев како да изреагирам.

Се критикував, притискав во себе, собирав сè како сунѓер, впивав и не дозволував да излезе, се борев сам со себеси правејќи си само потешко, се губев во своите немири и не можев да заспијам.

Дали беше во ред човек да се исплаче?

Дали во модерниот свет мажите смееа да пуштат по некоја солза?

Дали требаше да се покаже својата слабост и својата болка, без разлика што тоа се случува, во темна соба додека нема никој или требаше да се најде човек кој ќе ја разбере и испие таа болка? Дали имавме право сите понекогаш да се чувствуваме слаби и беспомошни?

Зошто знаев да се справам со сите предизвици, а не знаев како да излезам на крај самиот со себе и болката која предизвикуваше солзи?

Дали беше во ред силните луѓе да плачат понекогаш, дали беше во ред ако тоа се случува почесто, како човек да се справи со тагата, ако сака да ја задржи во себе?

Во записите на моето постоење немаше папка во која стоеа такви информации, секогаш кога ќе ми застанеше таква грутка во грлото, се обидував да ја вратам назад, да не дозволам да ми се насолзат очите, да ја задржам болката и да ја притиснам тагата.

Како да не бев истрениран да ги покажам своите емоции, без разлика што ќе експлодирав однатре. Како да бев робот кој е програмиран да не биде слаб, а имав потреба да се чувствувам така понекогаш.

Луѓето не можеа да разберат како се справувам со сè она што се случува, знаеа да ме наречат и ладен и бесчувствителен. Но, во темната соба, во мојот омилен ќош кој ги знаеше сите мои тајни, се лееа солзи секогаш кога животот ќе ми дојдеше премногу.

Не дозволував луѓето да знаат, ама темнината знаеше, таа беше мојот нем сведок. Додека растев не научив, но откако пораснав сфатив, во ред е луѓето да се исплачат, без разлика која е нивната причина.

Секојдневните предизвици можеа да предизвикаат негативна енергија и болка која едноставно мораше да го напушти телото, за тоа одново да се регенерира, да се избори со слабоста и да ја изврши својата метаморфоза, а единствен механизам кој тоа го правеше најлесно беше плачењето.

Како една фаза од процесот кој води до неуништливост...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg